8ми Март – Ден на жената, цвеќето или подароците?

Зошто го прославуваме 8ми Март и какво значење има тоа за нас? На овој ден дечињата прават честитки за своите мајки и баби, поголемите деца купуваат и подаруваат цвеќиња, додека малку повозрасните го одбележуваат празникот со подарување разни подароци на најблиските од „понежниот пол“.

Дали овој празник ја преобрати својата вистинска намена од ден на жената, во ден на цвеќето и подароците?

Зошто секоја убава пригода мора да потпадне во алчните раце на конзумеризмот и од повод за величење на смелите подвизи на жените во минатото да се направи еднодневен излет на шарада од кич, евтино бегање од реалноста и мачкање очи со „внимание“ кое магично се јавува само на овој ден а останатиот дел од годината е обоен сиво?

8ми Март е Меѓународен ден на жената, светски празник кога се одбележува БОРБАТА НА ЖЕНИТЕ за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите.

И самите знаете колку поимот ЖЕНА има големо и моќно значење. Исто така знаете колкава и каква е важноста на жената за општеството, семејството, и животот пред сè. И покрај својата големина, жената била и сеуште е дискриминирана по секој основ на нејзиното постоење, само поради тоа што е ЖЕНА!

Затоа жените во минатото се бореле за еднакви права со мажите во секоја сфера на постоење. Борбата трае и продолжува секој нареден ден, се додека таа не се здобие со рамноправноста како основно човеково право добиено со раѓање.

Затоа се слави овој ден, за да се потсетиме себеси кои сме, која е нашата мисија на оваа земја, колкава е нашата важност за човештвото и никогаш да не се задоволуваме со помалку од тоа што го заслужуваме, меѓу кои е и еднаквоста со „посилниот“ пол.

Волшебно е да се биде жена. Секоја од нас во себе го носи она борбено чувство кое не носи чекор понапред во животот, колку и тоа некој да сака да ни го одземе. Моќта е во нашите раце. Прашање на време е само кога ќе го прифатиме и присвоиме како такво. Од нас зависи.

Во меѓувреме уживајте во тоа што сте жена. Удоволувајте си и уживајте во животот секој ден, а не само за некој празник, затоа што вие тоа го заслужувате.

Бидете горда што сте жена, затоа што ЖЕНА значи ЖИВОТ!

Like или Share? А може и двете ..
fb-share-icon0