Дали да си ИНФЛУЕНСЕР е ризична професија?

Една од поновите професии кои зголеменото користење на интернетот ги носи, поддржано од се поголемата затвореност дома поради глобалната пандемија е секако инфлуенсерството. Многумина од вас ќе кажат дека тоа не е професија, но штом на оние кои професионално ја вршат и  самите се избориле за свое место и публика во етерот и секако заработуваат и живеат од тоа, тогаш ќе мора да се сложите дека тоа е професија и тоа многу пожелна особено кај помладата популација.

Инфлуенсерите, вклучувајќи ги и македонските, полека но сигурно земаат дел од колачот кој припаѓаше само на маркетингот секторот и рекламните агенции, бидејќи денешните бизниси сè повеќе се одлучуваат својот буџет наменет за промоција да го дадат на овие луѓе кои имаат од 10,000 па се до 100,000 следбеници и повеќе.

Но не би било се така розево доколку интернет просторот не беше отворен за сите. Тука спаѓаат и оние со лажен морал, неетичност, без грам домашна култура и воспитување, луѓе кои немаат свое ЈАС, на кои интернетот им дозволува преку свои но повеќе преку лажни профили да го исфрлаат својот бес, нервоза и лоши мисли преку разни навреди, пцовки и негативни разговори поттикнувајќи говор на омраза и ширејќи негативна енергија на која никој од нас не е имун.

САЈБЕР НАСИЛСТВОТО, познато како сајбер булинг, е во полн ек и го задава својот удар кој е се посилен со секој нареден ден. Секој акт кога некој те вознемирува, заплашува, малтретира, понижува или на било кој начин го оцрнува твоето име на интернет просторот спаѓа во ова интернет насилство на модерното време.

Доказ за тоа е и младата инфлуенсерка, јутјуберка и гејмерка од Србија –  Кристина Кика Ѓукиќ, која на само 21 година одлучува да си го одземе животот поради неможност да се справи со сите грди коментари на нејзина сметка, која секојдневно и кинеле дел од душата, која за жал не можела да ја сочува и се предала на ваков начин.

Овој вид на насилство е најподмолниот, бидејќи на овој начин вашиот лик е ставен на „тапет“ пред целиот свет, каде секој отворено може да каже што сака, без оглед дали тоа е вистина или лага, без да води грижа за другата страна и како тоа би влијаело понатаму во животот.

Сајбер насилството незнајно откинува дел по дел од човековата психа, кој доколку нема создадено заштитни механизми да се одбрани од истото, тогаш тие делови исчезнуваат и не се регенерираат.

Затоа родители на деца кои сакаат да бидат инфлуенсери, колеги и пријатели на луѓе кои пливаат во овој суров сајбер свет, внимавајте повеќе на нивните чувства, од начинот на изразување, се до исфрлањето на ова притаено малтретирање кое делува како отров на телото.

Ако нешто треба да се воспостави во светот, и кај нас секако, е закон за сајбер насилство. Ова би било можност за сите оние лоши коментари со навредлива содржина позади кои стојат луѓе со „сомнителен“ карактер, да може да бидат пријавени и соодветно санкционирани!

Да се заштитиме од ова насилство на модерното време. Додека е време.

Like или Share? А може и двете ..
fb-share-icon0