Дали социјалните мрежи стануваат поле за ширење омраза?

Пандемија, маски на лицето, другарување сведено на минимум, он-лајн учење, социјализација само преку друштвените мрежи и мобилни, дистанцирање на човек со човек, и други „мерки“ кои ни ги носат новото време. Но дали тоа придонесува за оддалечување и отуѓување на луѓето, губење на човечноста и бледнеење на емпатијата во секој од нас, полека но сигурно?

Социјалните мрежи нудат неограничена дружба и споделување информации, но дали тие стануваат и епицентарот за празнењето на насобраните секојдневни фрустрации и нервози кои времето ги трупа во секој од нас?

Пример бр.1 – Жена објавила дека продава пелени од кои само една е искористена, кои под претпоставка не се соодветни и се веќе мали за бебето за кои биле наменети. Наместо да се јават оние кои се заинтересирани да ги купат или оние кои имаат потреба од истите, поголемиот број на коментари беа од типот на: „ПОДАРИ, НЕ ПРОДАВАЈ“. Животот станува се поскап за живеење а ние се претворивме во кадии и судии! Таа со парите што ќе ги продаде овие пелени ќе купи повторно ПЕЛЕНИ, но поголем број! Зошто сте засегнати од нејзиниот „проблем“? Зошто го осудувате тоа што таа пробува да го направи? Што таа ви згрешила за да се почувствувате засегнати со нејзината состојба? Буквално ништо. Одминете, не коментирајте, прочитајте и ако имате пријателка што ги користи токму тие пелени споделете, за да можат да си го најдат своето место. Ако не помагате, не одмагајте!

Пример бр.2 – Жена бара предлог поклон за роденден за својот син кој ќе полни 8 години. Покрај останатите  предлози имаше коментар од типот на: „Што прашуваш, зарем не си го познаваш сопственото дете“? Од каде извира овој бес? Што ги предизвикува овие чувства на омраза, нервоза, љубомора можеби? Нема потреба од недолични коментари. Напротив, многу од предлозите беа толку добри, од типот на ролерки, микроскоп и телескоп, збирка книги за таа возраст, предлози кои се добредојдени за сите родители кои сакаат да го израдуваат своето дете со квалитетен подарок соодветен на возраста. Покрај тоа, предлозите ги читаат скоро сите останати родители кои се во слична недоумица. Бесот исфрлете го на друг начин, не на социјалните мрежи!

Пример бр.3 – Се поголем, за жал, е бројот на лица кои бараат донации за лекување по приватните болници од Ковид 19. Цените се астрономски и не секој може да си дозволи да го добие тој третман кој таму го нудат, иако исходот не е гарантирано дека ќе биде позитивен. Тука се наоѓаат коментарите од типот на: „Не барај помош, пружи ги нозете до каде што ти е чергата“! Па добро бе луѓе, не дај Боже вие да се најдете во ситуација да молите за помош, за вас, за пријател, за човек кој ви е драг и кој сакате уште долго да го имате покрај себе! Ова се молби за помош кога веќе ножот е стигнат до гркланот! Секој се надева да оздрави, но не секој го дочекува тој час. Ако немате или не сакате да помогнете, оставете тие да се снајдат како знаат и умеат. Од основна култура и почит спрема туѓиот проблем, одминете, не коментирајте.

Живееме во релативно тешко време. Постојат многу извори од каде можат да произлезат внатрешните фрустрации и бес. Платите се мали, трошоците се големи. Моќниците се богатат, сиромашните уште повеќе осиромашуваат. Воздухот е загаден и отворено вршат геноцид врз сопствениот народ. Се е политика, криминал и корупција. А животот продолжува да тече. Затоа за ваше добро, научете да го канализирате својот бес. Исфрлете го на друг начин, не преку тастатура. Излезете надвор, прошетајте, трчајте, вежбајте, ослободете се од токсините на вашето тело и душа! Зачувајте ја човечноста и емпатијата спрема луѓето околу вас.

Наместо да сеете омраза околу себе, ширете љубов. Бидете љубов. 

Like или Share? А може и двете ..
fb-share-icon0