15 октомври 2024
ПоследноПриказни од животот

Дали за УЧИТЕЛКИТЕ во ГРАДИНКА треба да се купува поклон за 8ми МАРТ?

Денот на жената се ближи. Оваа година тој се паѓа во недела. Но прашањата, коментарите и критиките околу дилемата дали да се купи или не поклон за овој убав ден не стивнуваат. Овој пат станува збор за учителките во градинките, кои низ текот на целата година ги чуваат, воспитуваат, растат и даруваат со љубов нашите најмили дечиња.

Иако соочени со предизвикот да чуваат и повеќе деца отколку реално можат, по една учителка на 20 деца, што е практично невозможно, особено што и самите мајки дома едвај се справуваат и со едно а камоли со повеќе, тие секое утро го пречекуваат вашето дете со насмевка, ведар дух и добро расположение.

Тогаш зошто воопшто се поставува прашањето за тоа дали овие воспитувачи, учителки, на некој начин „втори мајки“ на вашите деца, кои поминуваат со нив скоро 8 часа дневно, да добијат еден скромен поклон на овој ден?

Марија, мајката на Петар (3 години) , кажа: „Моето дете оди во градинка веќе 5 месеци. Факт е дека од тие 5 месеци, 3 месеци седи дома и е болен, но оние останатите 2 редовно и уредно оди во градинка. Секој ден раскажува за тоа што правеле, што јаделе, како боеле, учеле песнички, како читале приказни, вежбите од физичко, вкусните манџи и останатите активности кои ги имаат во текот на денот. Петар е едно темпераментно, хиперактивно, енергично дете, така што како се „справуваат“ со неговата „вишок“ енергија учителките, само они си знаат. Едно неделно утро додека бевме на најблиското пазарче со мојот син, случајно ја сретнавме едната од неговите учителки. Нема да бидам скромна ако кажам дека моето дете толку многу се израдува, што како сонце да му блесна во очите. Без сомнеж и размислување, Петар не и подаде рака да се поздрави со неа, не, тој веднаш тргна да ја гушне! Нема поголема радост за мене како мајка да го видам своето дете кое толку време поминува во денот со таа жена, така насмеано и полно со љубов кон неа. Љубовта со љубов се враќа! Затоа не ни размислувам дали ќе купам нешто за овој убав празник на жената која го расте заедно со мене моето дете. Едно убаво цвеќе, кое ќе го однесеме во петок, иако 8ми Март се паѓа во неработен ден, како мал гест на благодарност за грижата која безусловно ја даваат на моето најмило.“

Тука не станува збор за потплаќање или условно барање повеќе да се грижат за вашето дете, напротив, цвеќето е само еден мало внимание, но голем, убав и од срце направен гест, кој овие жени искрено го заслужуваат. Дали ќе биде една ружа, мало цвеќенце од вашата градина или пак честитка изработена од вредните раце на вашето дете, воопшто не е важно. Важна е искажаната почит и љубовта која се шири наоколу да продолжи непрестано да струи.

Like или Share? А може и двете ..
fb-share-icon0