15 октомври 2024
ПоследноПриказни од животот

ФАМИЛИЈАТА е секогаш на ПРВО МЕСТО!

Ако нешто добро видовме од пандемијата, тоа е дека фамилијата е секогаш на прво место. Нема поблизок и нема поголем пријател, човек кој ќе ти помогне и ќе ти се најде и во добро и во зло од братот, сестрата, родителот, од твојата крв! Затоа празниците да ги одбележиме славејќи ја фамилијата, љубејќи го ближниот, затоа што нема посвето нешто на светот од твоето најблиско.

Во фамилијата нема место за караници, омраза и љубомора. Секој врви по својот пат, но никогаш не треба да заборави на тој што му е најблизок до срце. Затоа овие убави празнични денови за сите оние кои малку застраниле од тој пат, нека ги закопаат секирите, нека си простат едни на други и нека дозволат во нивните срца повторно љубовта да царува.

Кажете ми, колку од вас добија помош во било кој облик во ова пандемично време-невреме од својата фамилија? Еве јас лично, поради ситуацијата добивав секој месец парична помош од мојот брат, за да може да го истуркаме периодот и да останеме на нозе. Колку од вас добија парична помош од член на фамилијата за да плати сметки, да има што да купи за да стави на маса, и да се истурка од дното? Колкумина од вас беа принудени да ги напуштат своите домови каде сте биле под кирија и сте биле заштитени и примени од вашите родители, браќа или сестри да престојувате во нивните домови, додека не пројде ова лудило. Кажете ми, кој ќе ви помогне кога сте во небрано, ако не вашата фамилија? 

Животот е толку краток и брзо одминува, да сите неубави работи било да сме ги направиле или кажале, или пак ни биле кажани, треба да ги простиме или пак да се извиниме и заедно да продолжиме понатаму. Времињата се толку динамични и ритамот кој ни е наметнат е толку брз, во трка по пари, по моќ, слава и богатство, да некогаш се заглавуваме во сопствените виуги заборавајќи на се околу нас. Нервозите, фрустрациите, сите тие ни ги сервираат денешните брзаци. Опиени од нив некогаш ќе кажеме нешто за што подоцна ќе зажалиме, нешто што ќе го повреди ближниот и ќе нанесе болка, која прераснува во караница која завршува со оддалечување, немир и караница помеѓу тие што најмногу си значат. Да ги надминеме тие пречки, кои несакајќи и ненамерно се нашле на нашиот пат. Да погледнеме напред и да го оставиме минатото зад нас.

Да погледнеме во иднината и да се заблагодариме на се она што животот ни дал.

Затоа, во име на празниците, во име на животот и љубовта, подајте си рака и стиснете ја цврсто. Дали сте во Македонија или некаде низ светот, бидете сплотена фамилија, бидете едно.

 Поговорката вели: „Брат брата рани, тешко му кој го нема.“

Да сте ни живи и здрави.

Like или Share? А може и двете ..
fb-share-icon0