ХРОНО ДИЕТА – совршен пример за НЕЗДРАВ начин на исхрана!
Во време кога технологијата оди напред и сите можни информации ни се на дофат, кога луѓето се повеќе се грижат за своето здравје и за она што го внесуваат во секојдневната исхрана, на некој многу „паметен“ му текнало совршен начин како да ги протне и тоа на голема врата сите оние нездрави и штетни производи кои човекот свесно треба да ги избегнува.
Генијалната идеја се вика ХРОНО ИСХРАНА!
Најважниот и воедно најштетниот дел од овој „здрав“ начин на исхрана е внесот на месо и сувомеснати производи секој ден! Во време кога се препорачува избегнување на сувомеснатите производи поради можноста на појава на разни несакани болести, како и на месото кое се произведува на многу поразличен начин од минатото, што покажуваат новите хормонални дисбаланси, заболувања и прераниот раст на децата поради хормоните со кои ги клукаат кутрите животни за да се забрза нивниот процес од фарма до месара на маса, се и те како важни фактори на кои треба да помислите пред да се одлучите за овој тип на исхрана.
Згора на тоа во нивната почетна фаза која се вика „рестрикција“ е забрането најважното нешто кое го одржува нашето здравје и воедно имунитет на високо ниво, односно стои забрана за внес на овошје!
Се прашувам кој е толку паметен што би внесол пола кило сланина, чајна и салама за да му почне денот со врвна енергија, наместо едно сочно и вкусно јаболко, овесна каша со грст аронија, малини и боровинки прелеани со лажичка мед?
Некои од вас ќе речат дека Хроното е добро затоа што со ваквиот начин на исхрана се слабее? Да, секако дека се слабее кога внесувате само месо и салати, и тоа два пати во денот. Но со ова ограничување само на месни производи вие ги отфрлате и оризот, грашокот, гравот, леќа, компири, боранија и останати здрави производи кои се илјада пати подобри и нутритивно појаки од парче месо. Пак ќе повторам, овошјето е строго забрането!
Внесот на месо треба да се ограничи на еднаш до два пати неделно во нашето мени за сечие добро и за доброто на нашите деца.
Единствена можеби добра страна на хроното е замената на белиот леб со домашен леб од мешавина на повеќе видови интегрални брашна, меѓу кои се вбројуваат: р’жано, овесно, брашно од јачмен, хељда, спелта и други. Тука веќе се откажувате од купечкиот бел леб полн со адитиви, воздушест кој не најадува, како и од сите останати пекарски специјалитети, бидејќи сами го приготвувате лебот кој ќе биде за вас и за целата ваша фамилија.
Урамнотежената исхрана, без ограничувања но умерено, со многу свеж зеленчук и овошје, риба и мешункасти производи, месо но само повремено, е вистинскиот рецепт за здрава исхрана и одржување на виталност и енергија на целиот организам кои ќе придонесат кон подобрување на вашето расположение и среќен од низ животот.
Размислете добро. За вашето здравје се работи.