И „Бубамара“ не е тоа што беше

Откако сите имавме прилика, кои порано кои подоцна, да ја погледнеме долгоочекуваната манифестација „Златна бубамара на популарноста“ може да кажеме колку и како сме задоволни од тоа што го видовме, слушнавме, осетивме.

На страна сите награди, песни и музика кои ги видовме и слушнавме. Без изненадувања и без нови ликови, реално секоја година истите пеат и истите земаат награди, што можеби и не е по нивна вина затоа што некои поголеми новитети во нашата земја искрено и нема. Како да тапкаме во место и да слушаме една иста плоча како се врти повторно и повторно.

Најголемото шоу поради кое сите со нетрпение ја чекаат „Бубамара“ е настапот на спектакуларниот Сашко Коцев. Неговите стенд ап излагања, смеата која ја предизвикувал иако шегите отсекогаш биле на наша сметка, е таа која ја претвори оваа манифестација во традиција. Човек буквално се воздржувал да оди до тоалет додека траеле неговите скечеви, кои со денови и недели после тоа се прераскажувале и гледале на интернет. Сега веќе не е така. Шегите се така убаво истенчени, ограничени и крајно воздржани што скоро и да не се смешни повеќе. А државата, политичарите и народот толку многу материјал ни спремаат и отворено ни даваат во текот на целата година, што дозволуваат Сашко да збори, да збори, да се заборави од зборење, а народот да се заборави од смеење.

САЛАТА се зголеми, но СМЕАТА се намали!

Нема правда, има ЦЕНЗУРА! Како некој убаво да го прегледал секој збор, шега и скеч кој Сашко требал да го каже и дал инструкции за како понатаму.

Ја сакаме старата Бубамара назад! Онаа каде Сашко буквално леташе на крилјата на смеата на целиот народ. Таа е виновникот за огромната популарност која ја стекна, токму преку јадењето „вафли“ за секојдневието кое не опкружува.

Вратете ја Бубамара на народот! Не ни ја земајте барем таа трошка светлина која не прати низ целата година. Бидете поголеми од „големците“ кои ве надвиснале и вас.

Ве сакаме и ве очекуваме назад и догодина, поотворени, позабавни, едноставно уникатни и полетни на крилјата на „смешната“ политика која Македонија ја води. До нашето следно видување.

Like или Share? А може и двете ..
fb-share-icon0