Илија и Симона – Брачни и Бизнис танцови партнери

Денес ви ги претставуваме Илија и Симона Карадакоски, сопственици на танцовото студио – Eat The Beat, кои иако се нарекуваат Јадачи на Битот, за нас тие ќе бидат вечните ЈАВАЧИ НА БИТОТ, кои покрај тоа што неуморно и посветено секојдневно работат на пренесување на своите танцови способности кај македонските помали и поголеми дечиња, тие ја пренесуваат целата своја позитна енергија, ведар дух и топлина која пред се ја носат како луѓе.

  • Обично велат дека бизнисот и задоволството не идат заедно, но вие сте доказ за спротивното. Како успевате во тоа?

И: Бизнисот и задоволството дефинитивно одат заедно, доколку се постават правилно. Нормално, додека се постигне синергијата која јас и Симона ја имаме сега, потребно е време и трпение да се надминат сите пречки.

  • Од танцот и за танцот живеете! Како изгледа животот кој е целосно посветен на музика и танц?

Така е, танцот е нашиот живот. Всушност танцот е она што не спои двајцата. Привилегија и огромна среќа е професија да ти биде она што го сакаш и те исполнува. Знаеме дека тоа е реткост во денешно време и свесни сме за тоа, затоа сме безрезервно посветени.

  • Од каде ја црпите инспирацијата за вашите кореографии? 

Инспирацијата се црпи од различни извори. Музика, филмови, самите деца, итн. Зависно во каква креативна инстанца се наоѓа кореографот, соодветно ја црпи инспирацијата. Има периоди кога сме екстра продуктивни, но има и периоди кога колку и да се трудиш едноставно неможеш да креираш материјал во тој момент. Во тој случај најдобро е да се направи пауза, да се наполнат батериите за да се регенерира креативниот ум.

  • Што е најважното нешто што сакате децата да го научат на вашите часови? 

Танцот придонесува за правилен психо-физички развој кај децата. Вежбите и кореографиите кои се работат на танц часовите, ја зајакнуваат мускулатурата, ја подобруваат моториката и целокупниот развој на телото. Од друга страна, работата во групи и тимови, им будат натпреварувачки дух на децата, им наметнува да бидат тимски играчи, да си помагаат и поддржуваат меѓусебно. Тоа се човечки вредности кои ќе ги оформат во иднина да бидат спремни на предизвиците кои им ги носи животот.

  • Дали организирате летни танцови кампови и што велите летово за еден проект – Секоја недела танцуваме по парк? 

Секое лето организираме летни танц кампови, најчесто во семинари и работилници, но идеата е одлична, можеме да организираме танц часови во парк секој викенд. 🙂

 

  • Како оди проектот со градинките и дали постои можност родителите да ве ангажираат во градинки каде одат нивните дечиња?

Проектот во градинките е успешен, секоја година има се поголем интерес. Родителите, доколку се заинтересирани, треба да достават барање до управата на градинката, потоа управата пушта јавен оглас, па се избира најсоодветна понуда од сите танц клубови кои се пријавиле на истиот.

  • Што би им порачале на оние кои сакаат професионално да се бават со танц?

Ги охрабрувам сите што сакаат, да пробаат. Танцот е извор на позитивна енергија, нешто што е многу потребно во денешно време кога сме нападнати од сите страни со негативни бранови. Забавно е да се работи со деца, секој работен ден е нешто ново, различно од претходно.

Нешто што прво забележавме на лицата на вашите танчери е искрената и широка насмевка која децата не можат да ја изглумат туку само вака отворено можат да ја покажат бидејќи навистина ја чувствуваат. Тоа се должи на вас како личности, на енергијата која им ја пренесувате, на знаењето и пред се на јакнењето на нивниот спортски дух. Убавината во вашиот клуб е што не создавате танчери-роботи, туку пред се насмеани дечиња на кои им е дадена шанса да се изразат себеси преку танцот, да ја зголемат својата самодоверба и да бидат тимски играчи, како и вистински пријатели пред се.

Ви посакуваме да продолжите со одличната работа, да имате уште многу успешни настапи и натпревари, а децата секогаш да ви блескаат одвнатре и однадвор благодарејќи на вашиот професионализам, посветеност и љубов кон животот и танцот.

Like или Share? А може и двете ..
fb-share-icon0