15 октомври 2024
МК ЛиковиПоследноПриказни од животот

Ивана Кнез – ДРАМА од ЖЕНА која руши стереотипи

Смела. Впечатлива. Вистинска ДРАМА од жена. Така би ја опишале Ивана Кнез, која повеќе од 10 години опстојува и цврсто чекори на македонската дизајнерска сцена, каде секој нејзин траг остава траен уникатен белег на тлото. Феникс по душа, мачка по срце, кралица на драма во живот. Права ЖИВОТИЊА, како што таа љуби да каже, страстен љубител на ПОРНО гардероба, висока штикла и накит, брутално искрена околу својот живот, што ја прави тотално неодолива и примамлива на околината.

  • Жена лавица или драма кралица?

Две во едно. Додади на тоа доза на слободоумност и ме добиваш во фул пакување со кое ретко кој се носи.

  • Од „скриена“ во кожурец, до слободна пеперутка? Кога се случи оваа трансформација и кој беше тригерот кој те поттикна да ја зграпчиш својата вистинита „животинска“ природа?

Баш сум клише, ми требаше животозагрозувачка ситуација за да ми залепи шлаканица и да се освестам каде сум, пред се која сум. Знаеш јас не сакав да бидам Ивана Кнез, се криев позади сопствените успеси само за да не бидам забележана, не ме воспитаа да се наметнувам или да користам. Ми требаше многу живот за да сфатам дека од себе не се бега, како сакаш крсти се или прекрсти се, таа си, една си, моќна си, полна си со живот и страшна си кога ќе го дознаеш сето ова. Страшна сила носи моќта на себеспознавање.

  • Која е предноста да си жена во овој „машки“ свет?

Еј сериозно ми недостасува вакво прашање пред камера, без маска, за да може точно да ми ја видите гримасата. Светов е чудо, поделбата не раздели и ни наметна потреба за единство и еднаквост. Знаеш, долго време посакував да имам исти права како секој маж, генерално. Кога ги добив, па почнав да носам сама телевизори, да менувам гуми и да штрафам по ѕидови, сфатив колку посакувањето треба да е концизно и селективно. Јас не сакам да ги имам истите права како сите мажи, сакам да ги имам истите права како сите луѓе. Сакам свет без селективна осуда и сакам слободно да бидам жена во истиот. Само и единствено така можам вистински да се реализирам како жена.

  • Како се вклопуваат балканскиот менталитет и твојот нескротлив АЛФА лавовски порив?

Никако сингл сум, хахаха. Не знам која е магичната состојка за понизност без разлика дали е вистинска или лажна, но јас нема да наведнам глава ниту пак ќе дозволам да бидам покорена за да имам партнер. А да бидам искрена и не го барам, фокусот ми е на себе во моментов, премногу се раздавав на секакви во изминативе десет години, имам за живеење сега.

  • Што за тебе претставува СРЕЌА?

Утро во кое станувам спокојно, опкружена со најмилите, црно кафе, погледот од терасата на мојата куќа, успешно решен проблем на работа, насмеано семејство.

  • Велат дека мачката има 9 животи. Ти како жена МАЧКА до кое „ниво“ си стигната?

До стоти хахаха. За скоро 36 одживеав скоро три животи мислам, ветив книга ама никако да се соберам за да ја издадам. И не жалам да бидам искрена, не би го менувала животов со никој, а знам дека убавото допрва следи.

  • Македонски маж по твоја мерка, факт или фикција?

Ако земеш да ми ги наредиш сите бивши љубови на еден ѕид јас ти гарантирам дека ќе помислиш дека се дрогирам. Едно време имав една девиза, ако га мајка не воли дај га мени ја чу. Не постои идеален партнер за никого, се е тоа процес, соработка, пријателство со доза на нагон и луда страст. А дали е македонец или марсовец, не ми е важно.

  • Дали Македонија ја прифаќа ДРАМА(та) која ја сервираш или ДРАМА полека се прилагодува кон Македонија?

Драма повеќе не постои, не можеа никако да се договорат со надлежните кој како ќе се вика хахаха. Драма се изгаси, на сметка на тоа се издигна Кнез, а паралено пораснаа Lovecats со брзина и обем што дури и мене ме изненади. Не само овде, движиме надвор.

  • Што ни спрема Кнез за оваа постпандемска година?

Кнез ќе направи отворена ревија со журка за сите можни заинтересирани во првиот момент кога ќе ја прогласат Короната за умрено, а до тогаш секојдневно ќе си поминува по најмалку десет часови во студио создавајќи магија.

  • Каде е Ивана за 10 години од сега?

Се надевам жива, здрава и насмеана. Толку ми треба.

Ивана, што друго би ти посакале освен твојата заносна насмевка да го освои светот. Продолжи да веруваш во себе, како што ние веруваме во тебе и знај дека тлото по кое ти минуваш не останува исто. Се надеваме дека покрај сите обрвски ќе најдеш време да ја издадеш твојата книга, затоа што си човек кој секогаш има што да каже и си искрена инспирација за многумина. Вистинскиот сјај блеска од далеку, а ти Ивана си еден небрусен дијамант кој едноставно нема цена. Глас на секоја жена која во ова „искривено“ општество нема смелост да ги изговори зборовите кои и лежат на срце и да викне со сиот глас она од што душата и гори. Остани токму таква каква што си, совршено несовршена, оригинална ТИ.

Намасте

Like или Share? А може и двете ..
fb-share-icon0