Јасна Тринити – открива како до ЗДРАВ и ИСПОЛНЕТ живот!
Верувам дека повеќето од вас ја знаат, но еве за оние кои сеуште не се запознаени, ви ја претставуваме едната и единствена – Јасна Лековска. Меѓу народот и особено меѓу вежбачите, таа е позната како Јасна Тринити, која заедно со својата пријателка Катерина Попева ја основаат и се сопственици на едно од најпознатите фитнес студија во Скопје – Trinity. Таа е вистински пример за жена, мајка, претприемач, фит девојка која е секогаш насмеана и непрестано плени со својата ведрина.
- Јасна, како успеваш?
Не знам ни јас, се ова ми оди на некој начин природно. Работам работа во која сум 100 процентно вљубена, живеам и дишам за Тринити, за салата, за вежбачите, за колегите, за соработниците. Позитивната енергија која секојдневно ја разменувам со нив ја става насмевката на моето лице. Покрај тоа имам две сонца кое секое утро ми ја покажуваат причината за моето постоење, и прекрасен сопруг и фамилија што ми се ветерот во грбот кој ми помага да бидам тоа што денес сум. Се на се, љубовта и благодарноста во животот ме прават да бидам тоа што денес сум.
- Кој е најголем фактор кој ти помогна да станеш успешна во тоа што го работиш?
Тоа што работам работа што вистински ја сакам. Работам буквално 24/7 и не гледам дали е викенд или работен ден, дали е 6ч наутро или 22ч навечер. По природа сум воркохолик и перфекционист, и најверојатно овие две особини допринесуваат за успехот
- Како изгледа еден твој нормален работен ден?
Станувам доста рано кај 6ч, пијам кафе, се туширам и се спремам за часови кои ми почнуваат во 8ч. Завршувам кај 12ч па имам време да го испијам второто кафе со Елена, Јована, Нина, Кате и Лиа. Со Лиа го земаме Јан од школо со надеж да ни дојде другарче и да ни биде повесело, ручаме и го чекаме да дојде Марко. Вечерта е за мене и него бидејќи децата си легнуваат рано.
- Ако можеш да почнеш одново, што би направила поразлично?
Апсолутно ништо. Не сум човек кој жали по минатото и секогаш ме води мислата за чекор напред пред сите. Си ги сакам грешките од минатото бидејќи да не беа тие немаше да сум денес тука кај што сум. Во последно време се помалку грешам, а тоа е благодарение на веќе стекнатото искуство.
- Кои се идните планови на Тринити?
Како и секогаш да го задржиме квалитетот на часовите, вежбачите да се задоволни, да имаме повеќе соработници, да останеме сплотени како тим и да сме сите задоволни и среќни.
- Како се прилагодуваш на новонастанатата карантин состојба и како ги усогласуваш твоите тренинг активности знаејќи дека имаш две дечиња покрај себе?
Часовите ќе продолжат он-лајн периодов. Децата ми се исклучително паметни и воспитани така што во моментов немам некој поголем проблем
- Кој совет би го дала во ова време-невреме на домашна изолација?
Да сме послушни, да пробаме да останеме присебни, колку што може повеќе да сме позитивни и да помагаме колку што можеме. Се ова ќе помине и да не заборавиме доброто со добро се враќа.
- Каде се гледаш себеси за 10 години од сега?
На исто место како и денес во Тринити, се разбира само позгодна.
Јасна е вистински пример за жена која успешно ги изведува и одлично ги балансира секојдневните обврски, динамичниот живот, како и растењето и воспитување на две мали ангелчиња до себе, што ја прави вистинска инспирација за сите нас.
Тајната е секако да го работите она што вистински го сакате. На тој начин ќе работите неуморно и со љубов 24 часа – 7 дена неделно и никогаш нема да се пожалите на понеделникот кој доаѓа. Со дисциплина, упорност и посветеност секој од нас може да ги постигне зацртаните цели, колку и тие да изгледаат недостижни и далечни. Минатото нека биде лекција за сите идни предизвици и зафати кои сакате да ги остварите.
Ти благодариме Јасна за издвоеното време и убавите зборови со кои го збогати нашето секојдневие и ти посакуваме уште многу успеси во иднина. Двоумење постои само околу твојата последна реченица: „Во иднина да бидеш уште позгодна“, бидејќи гледајќи од приложеното, незнаеме дали тоа воопшто е возможно. Продолжи да блескаш на македонското небо а ние ќе ти посакаме добро здравје на тебе и твојата фамилија и да продолжиш со одличната работа. Продолжи да го обликуваш и правиш Скопје згодно и неопходно..