Кој е најдобриот подарок за вашето дете?
Секое дете е индивидуа само за себе. Темпераментно и пргаво, мирно и повлечено, комуникативно и отворено, емотивно и осетливо, и уште милион други карактеристики кои ги поседуваат дечињата од целиот свет. Сите тие имаат разни желби и потреби, на кои ние како родители треба да им пристапиме кон нивно задоволување и исполнување, се подразбира во границите на разумот. Играчки, колички, барбики, боенки, кујни, алати и уште мал милион тракатанци кои го исполнуваат секојдневието на нашите деца.
Збогатувањето на реквизитите во домашната „игротека“ е скоро секојдневна активност, а тоа особено важи за периодов, односно празниците кои ни следуваат. Што да се подари, на што детето најмногу ќе се израдува, и секако кое е најдоброто нешто кое може оваа година да го добие под елката од омилениот Дедо Мраз.
Вие најдобро го познавате вашето дете и веруваме дека внимателно ќе го одберете совршениот подарок годинава. Но не заборавајте едно нешто, а тоа е воедно и најважното, дека најдобриот подарок за вашето дете е да му го подарите вашето ВРЕМЕ! Ниту една играчка, колку и да е скапо платена, не може ниту да се спореди со времето заедно поминато, било да е во домашни услови или надвор. Играчките се кршат, боите избледуваат, но сеќавањата од заедничките моменти се вечни. Детето можеби нема да ви го каже тоа, но длабоко во себе знаете дека тоа од срце го посакува.
Дружбата не мора да трае со саати, доволно е таа да е кратка, но интензивна и искрена. Оставете го мобилниот на страна и седнете на патосот до вашето дете и заедно со него вратете се во вашето детство и споделете меѓусебни топли насмевки, со што ќе се згрее вашето како и срцето на вашето најмило. Земете ги боичките во раце и покажете каков уметник сте вие. Пуштете музика и заедно заиграјте во тактот на љубовта која длабоко продира низ вас.
Нема поголем благослов од тоа да му го подарите времето на вашето дете. Тоа ќе ви возврати со поглед, со насмевка и искрена прегратка. Пробајте и уживајте.