Кој прави ПАЛИ-ГАСИ на македонската КОЛЕКТИВНА СВЕСТ?

Колективна свест е основен социолошки концепт кој се однесува на множество споделени верувања, идеи, ставови и знаење што се заеднички за една социјална група или општество. Колективната свест го креира нашето чувство на припадност и идентитет, како и нашето однесување.

Меѓу социјалните институции и структури кои работат на создавање на колективната свест се вбројуваат: државата (која поттикнува патриотизам и национализам), вестите и популарните медиуми (кои шират секакви идеи и практики, од како да се облекуваме, за кого да гласаме, до како да се венчаме), образованието (што не формира во согласни граѓани и работници) и полицијата и судството (кои ги обликуваат нашите поими за правилно и погрешно и го насочуваат нашето однесување преку закани или примена на физичка сила).

Откако кажавме збор два за овој поим, ајде сега да се запрашаме, како стоиме ние на тој план.

Во која насока се движи македонската колективна свест, какви стандарди, вредности, верувања и ограничувања диктира и наметнува?

1. Македонија е синоним за ПАРТИЈА! Наместо државата да го вработи најдобриот, најквалитетниот и најкадарниот за одредена позиција, тука се инсталира партијата што е на власт. Беспартиски вработен во државна институција е мисловна именка во Македонија! Затоа државата се наоѓа таму каде што е, затоа што ја водат неписмени, неуки, од сегде собрани ама со книшка на чело пишани партиски војничиња, таканаречени полтрони, или по ново амеби (најпрости едноклеточни живи организми).

Наметната вредност на припадност, каде се продавате себеси во име на партијата за да имате постојани приходи потребни за опстанок. Секако оние индивидуалисти кои пркосат на ова црно време и не се продаваат за евтини пари, од старт се одбиени и отфрлени од ваквите можности бидејќи не ги прифаќаат понудените услови и секако не се согласуваат слепо да ја шират „религијата“ на партијата во која не веруваат!

2. Синдром на НИСКА ВРЕДНОСТ! Големи подвизи или победи скоро и да не постојат. Се наметнува новокомпонираниот синдром на ниска вредност, кој не тера да веруваме дека имаме ограничување на нашиот капацитет, дека толку ни се можностите и со гордо крената глава да го прифаќаме секој пораз, па макар и да сме на последното место, важно сме учествувале. Ако ти е мала платата, ќути има и полошо! Ако не ти се допаѓа работата, ќути барем си вработен. За најмали, дури и смешни работи кои треба да се секојдневие, се прават цели претстави и театри со пресконференции, медиуми, новинари, мислиш сме добиле Нобелова награда за мир! Последно беше театарот со вакцините кои беа донација од Србија. Море каква Нобелова награда, одиме директно во Холивуд по оскар за глума!

3. Дозволено ДИЛЕТАНТСКО ОДНЕСУВАЊЕ, бидејќи сè поминува неказнето! Да тргнеме од навредливо, некултурно и крајно непрофесионално уличарско однесување и зборување на луѓе кои ја водат нашата држава, до отворена злоупотреба на народни пари, криминал, корупција во секој сегмент на јавната сфера. Непочитување на правила и прописи, бидејќи во Македонија сè се може и никој на никого ништо не му може, особено ако се има подлабок џеб, и секако ова не важи за оние кои немаат ни за леб. Сево ова води кон нервоза, лутина, гнев, омраза, оддалечување, нетрпение, цел сив облак од негативна енергија која се шири со брзина на светлината низ секоја пора на општеството како вирус за кој нема лек.

4. Обоени МЕДИУМИ кои го убија во поим независното новинарство, сервирајќи претходно напишани информации зависно бојата на „образот“, со што не служат за народот, туку за некој друг во позадина. Во останатото време истите медиуми прикажуваат стотина турски серии, кои само ја замлачуваат индивидуалната свест и не носат во една друга нереална димензија каде мозокот е во мирување, а со тоа и желбата за некоја промена е еднаква со нула.

Листата само се зголемува. Се е добро оркестрирано и организирано за постепено убивање на индивидуалната свест наспроти величење и зголемување на оваа „златна“ колективна свест.

     Дали се изморивме од празни зборови и од удирање со главата во ѕид, па целосно ја прифативме оваа наша црна реалност или сепак постои по некој атом во нас кој е спремен да излезе од оваа „комфорна“ зона на денешницата и да направи промена, која и макар најмала и „незначајна“ и те како ќе влијае на генералната промена на нашата колективна свест?

Прво погледнете кој ни ја формира и сервира оваа свест… Да, токму тие! Сега слободно насмејте се и дајте земете ги работите во свои раце. ВРЕМЕ Е!

Од нас зависи.

Like или Share? А може и двете ..
fb-share-icon0