Која е разликата помеѓу ПРВА и ВТОРА бременост

Секоја бременост на жената, без разлика дали станува збор за прва, втора или десетта по ред, е убавина сама по себе и е благослов и дар од Бога. Жената во тие моменти треба да се чува, негува, да внимава повеќе на себеси, на исхраната, да има почести прошетки на сонце и да биде опкружена со луѓето кои ги сака и со кои сака да го сподели своето неверојатно искуство на носење нов живот на овој свет.

Ова се само некои од разликите помеѓу првата бременост на една жена и секоја наредна:

  • ОДМОР – Кога жената е во својата прва бременост таа нема некои поголеми обврски во домот и секој слободен момент може да го искористи за да легне да одмори и едноставно удобно да се смести со нозете дигнати на повисоко, како што и сите доктори препорачуваат во текот на една бременост. Овие моменти баш и не се толку чести во втората бременост, од сама причина што во домот имате едно мало мангупче или мангупка која го бара вашето внимание, време и посветеност. Наместо нозете нагоре, вие без размислување седнувате доле на килимот за да ја продолжите играта со вашето дете која и претходно била ваше секојдневие. За одмор малку ќе причекате (едно десетина години).

  • ПОСВЕТЕНОСТ КОН БЕБЕТО КОЕ Е НА ПАТ – Дали во првата бременост ги пуштавте Моцарт, Чајковски, Бах и останати претставници на класичната музика, како вашето неродено дете уште во утробата би имало зголемен развој на социјалните вештини, поради благотворното дејство на ваквиот тип на музика? Пробајте во првата, бидејќи тешко истото да го повторите во било која наредна бременост. Во втората бременост ќе бидат пуштени цртани 24/7, како и детски песнички од најразни музички фестивали. Моцарт би поминал само во првата бременост. Тука би го споменале и зборувањето со нероденото бебе, кое во втората бременост е значително намалена, односно сведена на минимум, бидејќи главните разговори ги имате со детето кое седи покрај вас.
  • НЕГА  – Во првата бременост водите особена нега за вашата кожа уште од рани денови, односно штом ја дознаете радосната вест дека сте бремена. Кожата ја третирате со разни есенцијални хранливи масла, како што се кокосовото и маслото од арган, разни хидратантни креми и останати препарати за спречување на појава на стрии и други ефекти кои ги носи бременоста. За разлика од ова време, во втората бременост може да се намачкате неколку пати и тоа додека сте во поодмината бременост или при крај со бременоста, бидејќи едноставно не чувствувате потреба за истото, а може и сте заборавиле дека тоа воопшто треба да го правите.
  • ВНИМАНИЕ ОД СТРАНА НА СОПРУГОТ – Во првата бременост вие сте кралот и кралицата која е на престолот. Јагоди во сред зима, благичко од омилената слаткарница, масажа на стапалата и други ексклузивни барања од ваша страна кои сопругот ги извршува со најголемо задоволство. Во втората бремост тешко дека нешто од тоа ќе се повтори, бидејќи вие едноставно ќе бидете и повеќе од благодарна ако сопругот го однесе на прошетка вашето дете како вие би легнале да одморите во мир и тишина барем на кратко.

Дали се сложувате со горе наведените разлики и што вие би дополниле кон оваа листа?

Во меѓувреме уживајте во вашата бременост, без разлика која по ред ви е. Секоја е различна и уникатна сама по себе, а во тоа е и убавината. Нека е со лесно.

Like или Share? А може и двете ..
fb-share-icon0