Македонска МАРКЕТИНГ техника што прави БУМ во продажбата!
Намерно или ненамерно, случајно или претходно осмислено, во Македонија некако чудно се провлекува една тактика која промоцијата на одреден производ, акција или бренд ја подига на сосема друго ниво, скоро вирално, во македонски рамки нели.
Станува збор за „обична“ граматичка грешка при изведба на промоцијата, која поради сите душегрижници, литературно засегнати бранители на македонскиот јазик, прават промоцијата да стигне не само до оној кој ќе ја посети продавницата, туку до секој што има мобилен уред и интернет. Лесно како песна. Одма се слика, препраќа, исмева, портали превземаат за приказната да продолжи понатаму, а оној кој (можеби) намерно го направил тоа знаел дека ако нешто македонскиот народ сака да гледа и чита, тоа е кој, каде и колку згрешил! Целта е постигната. Промоцијата наместо до 1000, таа стигнала до 10.000 и повеќе луѓе. Социјалните мрежи се едно неоткриено богатство кое полека ги покажува своите способности.
ПРИМЕР: Само овој викенд специјален попуст на ДЕЦКИ ПИЖАМИ од цели 30%!
Бидејќи ваквите работи палат и жарат кај нас, некој сигурно ќе се најде да сликне и да објави за сите да знаат дека сеуште има „неписмени“ кои пишуваат „деЦки“ наместо „деТски“, и ете ти пижами продадени за само еден ден. И лошата реклама е во суштина реклама.
Пред некое време имаше една промоција каде производите беа поделени „ЗА НЕА“ и „ЗА НЕГО“, притоа кај женскиот дел беа производи од типот на производи за чистење и готвење, додека во машкиот дел производи за релаксација од типот на масажер, перница за добар сон, ќебе со кое ќе спиете како бебе итн … ме разбирате нели.
Додека мажот одмара во сабота, жената да може да се фати за работа! Поентата ми е дека ЦЕЛА МАКЕДОНИЈА ДОЗНА за оваа промоција, производите, дури и цените на истите, преку ширењето на оваа несоодветно „родово“ поделена акција на социјалните мрежи! МАРКЕТИНГ за БЕЗ ПАРИ! Некој ќе осуди, некој ќе се згрози, но некој ќе иде и ќе си купи!
Додека народ чита, се смее и исмева, некој печали и прави бизнис. Браво Македонче!
Иновација а ла Македонија! Вечна да е!