Мобилна ПОЛИЦИЈА му е мајката!
Како да се спречи и излечи ова сообраќајно лудило кое владее низ градот? Се вози брзо, бесно, нервозно, се поминува на црвено светло, се поминуваат дупли линии … со други зборови, владее страшно БЕЗРЕДИЕ, ХАОС и СВОЕВОЛИЕ. Закони постојат но како да не постојат бидејќи постојано се кршат. Никој ништо не почитува од една и единствена причина – знае дека ќе помине неказнето! Што мислите, зошто Македонците низ светот се свесни и совесни возачи, со внимавање на сите знаци и прописи? Одговорот е едноставен, бидејќи знаат дека кога тогаш во сандаче ќе им стигне една дебела (читај со висока сума) казна, која ќе мораат да ја подмират сакале или не! Нема тука тетки, стрини, познаници, пријатели. Си погрешил, ќе си платиш!
Само тоа треба кај нас! Удри по џебот за народот да се смири!
Независна МОБИЛНА ПОЛИЦИЈА! И така сите се со мобилните во раце, на овој начин ќе можат да ги искористат за нешто паметно и секако корисно за општеството. На снимката е доволно да се види прекршокот и регистрацијата на возилото, останатото ќе се препушти на МВР (или евентуално некоја независна, невладина сообраќајна организација која би работела во корист на граѓаните), кои уредно ќе достават на писмено, парична казна до сторителот, додека одреден процент од сумата ќе следува како награда за снимателот. Ем волкот сит, ем овците на број.
Еве еден пример: Во населба Ченто, кај пазарчето, на полни две ленти во денот полукружно (притоа газејќи ги двете ленти) вртат минимум едно 100тина автомобили. Зборување на мобилен додека се вози, и тоа не само во кола, туку и на мотор, паркирање каде стигнеш итн. Па дајте тоа лудило да престане. И тоа ова се само неколку „банални“ примери, за другите воопшто да не почнувам.
Дајте ова лудило да запре, не утре туку веднаш! Сакаме безбедни улици, дајте да реагираме некако!
Што мислите за овој предлог?