Од ЈАВЕН во ПРИВАТЕН сектор – Апсурд или чиста бесмислица!

Кога ќе помислите дека сите криминали, кражби, диверзии, бесмислици и нелогичности се направени, во јавноста излегува ова известување! Ќе се прави трансфер на дел од вработените од јавниот сектор директно во приватниот сектор! АПСУРД НЕВИДЕН! Да биде театарот уште позабавен, истите ќе бидат субвенционирани од страна на државата за работодавците да можат да најдат свој интерес за ангажман на овие лица! ЦИРКУЗ ОД ДРЖАВА! 

На кого ли му текнуваат ваквите идеи? Кој е тој паметник што се дрзнал да предложи вакво нешто?

Штетата е направена. Администрацијата е полна, преполна и веќе одамна истекува. Но сигурно не сте сериозни со оваа објава. Решение секако е потребно, но не по било која цена!

Прво што треба да се направи е да се сопрат новите вработувања во јавната администрација! Ако веќе планирате да кратите, тогаш немојте нови да вработувате. Кратко и јасно. Знаеме дека тоа е многу тешко особено поради фактот што идат избори, а тогаш најмногу вработувања се остваруваат и ветуваат, но ќе мора да се стави ултиматум за стопирање на понатамошните (партиски) вработувања!

Второ би било да се изврши реална и коректна чистка на администрацијата. „Фантом“ административците што НЕ се распределени (кутрите седат дома), кои буквално не клатат ни врата а земаат плата, да добијат не фиктивни, туку фактички отказни решенија веднаш, а не како што потпишаа да не добиваат К-15. Ние луди сме или така ви изгледаме. Уште е за неверување дека такви „работници“ постојат, а верувајте дека ги има и тоа се многу. Тоа е првата чистка што треба моментално да се изврши.

Трето, бидејќи во администрацијата има луѓе кои се компетентни, стручни и одлично си ја вршат својата работа, а се седнати рамо до рамо со полуписмен свет, необразовани со купени дипломи и нестручни во својата област, да се одделат и испратат дома по брза постапка. За доброто на државата се работи!

Четврто, сите доквалификации, семинари, конференции и обуки да бидат доделени на оние кои тоа го заслужуваат (ако воопшто тоа е можно) за нивно понатамошно усовршување во областа во која работат, а не тие да се посетувани од вечните партиски послушници, кодоши, лицемери на кои книшката им е карта за влез.

Никој не вели дека ќе биде лесно, но она што е неопходно мора да се направи. Тоа ќе биде еден храбар но достоен за поздрав чекор од страна на државата кон народот, кој тоа и го заслужува. Праведност и чесност пред сите. А сите оние кои ќе останат без работа, како што можеле да го трошат своето време за пусти партиски цели, митинзи, дремење по штабови за ветени вработувања, ќе можат да направат нешто корисно за себе, да ги засукаат ракавите и да се фатат за работа!

За чистка треба волја и решителност. Потребно е да се тргне од некаде.

Денес. Тука. За иднината. За Македонија.

Like или Share? А може и двете ..
fb-share-icon0

10.850 thoughts on “Од ЈАВЕН во ПРИВАТЕН сектор – Апсурд или чиста бесмислица!