Предизборно точкарање и трачарење

Ако на нешто сме навикнати, безброј пати поучени од минатото, тоа се предизборните ТРАЧ МУАБЕТИ на драгите ни наши политичари. Кој што направил или не направил, што планира да направи односно да не направи, кој колку украл, изградил и сокрил, па сега и кој колку кила качил, се здебелил или колку бифтеци изел. Ќе беше смешно, да не беше трагично.

Ај на тоа сме си навикнати, но сега што од цел спектар бои сите решиле да се бојат во зелено, па и на точак да се качат? Кој прв пат, кој втор пат, ама ова веќе од трка за власт прераснува во политичка ВЕЛО трка! Кој не знае да вози, под итно на забрзан курс за точкарање, зошто тоа била нивната иднина! Наместо во удобни автомобили, преку ноќ ќе се префрлат на веслање со точаци до работа, или за помодерните со тротинети до посакуваната дестинација! Стенд-ап комичари ќе станувате, или што е работава? Смешни сте, тоа ќе ви признаеме.

Кажете ни, кој од вас е спремен во програмата да ги стави ТЕКСТИЛНИТЕ РАБОТНИЧКИ? Кој ќе се заложи за нивните права? Кој ќе застане на нивна страна, или тоа не е сега тема на муабет? До кога ќе бидеме само неми сведоци на преку ноќ згаснати фирми, кои ако не истиот ден, тогаш наредниот се издигнуваат како феникс од пепелта но под друго име? Ах тоа пусто име, пусто да остане.

Не ни кажувајте што другите нè направиле, кажете ни ВИЕ што ќе направите! Без приказни и сказни! За промена бидете РЕАЛНИ во своите ветувања, а најмногу од СÈ бидете ИСКРЕНИ! 

Дека со точаци ќе одите на работа, на тоа ни 5 годишно дете не ви верува! Убаво е да се развозите низ градот на точак, ама правете го тоа во слободно време, не за пред новинари. Проекти, не бесмислици! Што не се повозите навечер на точак низ Аеродром, па да видиме дали безбедно ќе поминете без да ве нападне чопор од УЛИЧНИ КУЧИЊА. Прпа а. Ете ви тема за размислување. Додека сте на точак, погледнете околу себе и видете дали можете да ги доброите БЕЗДОМНИЦИТЕ кои секоја вечер ја поминуваат под ведро небо, борејќи се со секој нареден ден. Зарем тие не се наоѓаат во животно загрозувачка состојба, за и тие да добијат кров над глава и да им понудите шанса за втор живот? Уште една тема за размислување.

Што правиме со другите градови во Македонија, постојат ли тие на вашата агенда, или само Скопје постои? И проститутка да е, после толку секс ќе рикне! Ја направивте „метропола“ што ја направивте, дајте сега малце со другите градови позанимавајте се, или остана уште некое градежно „шупче“ во кое зграда, упс се извинуваме, зеленило не никнало? Доста го силувате Скопје! 

За разно-разни тендери, буџетот и астрономските службени трошоци, партиски вработувања и непотизам, натежната администрација, секојдневни протести, неписмени кадри наспроти зголемен број на академски граѓани, покачени цени на паднат стандард и така натаму се само мал дел од темите кои треба да се тема на разговор.

Строење сите еден до последен и на ТВ ДУЕЛИ да ве видиме од што сте направени! Да го слушнеме вашиот глас и вашиот ПЛАН за нашата иднина во Македонија! Без розови очила, бидејќи и преку нив се гледа сивилото на оваа држава. Брутално искрено и народски да видиме каде одиме, односно каде вие би не однеле. Не е важно каде сме сега, бидејќи на сите ни е јасно дека дното одамна ни е верен пријател, но дали ќе мрднеме од него е прашањето.

А вие народе МАКЕДОНСКИ, добро, ама ДОБРО размислете за кого ќе гласате на 17 Октомври! Не гласајте за инат некому или против некого. Гласајте ЗА оние кои сметате дека ќе работат во име на народот, во наше име, во име на МАКЕДОНИЈА! За НАШАТА ИДНИНА се работи! 

Во меѓувреме, останете ни во добро здравје.

Like или Share? А може и двете ..
fb-share-icon0