Решив, заминувам од Македонија!!!

До нашата редакција стигна писмо од една читателка кое решивме да го споделиме со вас …

„Здраво. Моето име е Бисера, жена од 30 и некоја година, со едно мало дете и друго дете во мојот стомак, високо образована со два завршени факултети, со успешна кариера зад и пред себе, родители и пријатели покрај себе, вечен поборник и љубител на мојата родна земја, мојата татковина Македонија.

Но тука ставам крај. Штом мене, вечниот оптимист и позитивец, го донесовте до ова дереџе, значи се е отидено по ѓаволите. Одлуката е донесена, заминуваме од Македонија засекогаш! 

Не сакам да живеам повеќе во ГАСНА КОМОРА! 

Мојот живот и животот на моите најмили е доведен во прашање. Дишеме отрови и никој не превзема нешто околу тоа. Текстови, опомени, собири, протести, ништо не ги допира оние кои можат да влијаат на запирање на ова лудило. Тие стануваат богати, ние стануваме болни! Проклетници невидени, успеавте да ме избркате од мојот роден крај!

И да, спремна сум да почнам од нула. Ќе мијам, ќе чистам, ќе ‘рмбам ако треба (а ќе треба), само да обезбедам на моето поколение основни услови за живот. Со денови не сме излегле од дома. Со недели помеѓу овие четири ѕида, како во домашен затвор живееме, додека некој свесно си игра со нашиот живот!

Ги преминавте сите граници. Доста е! ЗА ЖИВОТОТ СЕ РАБОТИ!

Викендот бевме фамилијарно на Водно, на чист воздух нели. А таму буквално цело Скопје. Ма какви Скопје, на Водно беше цела Македонија. Да, затоа што сите ги пикнавте во Скопје да живеат, сега нема место ни на планина да се отиде. Сообраќај закрчен, редици за на жичара, мислиш смак света е! Ако сте решиле да се труете и гушите во Скопје, бујрум, нека ви е алал. Наместо секој да мисли на своето огниште, вие за „метрополата“ се одлучивте. Цела Македонија во една мала гасна комора. Се е тоа плански направено. Браво за креаторите. Сите муви со еден удар!

Ќе речам мојата земја, мојата Македонија. Драги мои, таа одамна не е нити моја, нити ваша. Ја прекрстивте, ја продадовте, сега останува и нас да не дотепате. За влез во ЕУ станавме обична географска ориентација! Па знаете ли зошто луѓето сакаат во ЕУ? За да имаат валиден пасош за да избегаат од тука, ете затоа! Само вие ја знаете позадината на оваа мрачна игра која ја играте со Македонија, а ние наскоро ќе ја дознаеме, со надеж далеку од тука.

 А сега ЗБОГУМ. ЗАСЕКОГАШ!“

Like или Share? А може и двете ..
fb-share-icon0