Што може да научиме од Атиџе и нејзината „Медена Земја„

Атиџе Муратова – до вчера навидум обична личност со необична професија, сплотена како еден со природата, со живот во една трошна куќичка без елементарни услови за живот, толку блиску но сепак далеку од „цивилизација“, до несекојдневни гламурозни патувања низ светот, црвен тепих и чекор рамо до рамо со едни од најпознатите имиња во шоу бизнисот, дружба со избрана светска елита и номинација за Оскар како шлаг на тортата. Толку едноставна жена со очи кои сјаат добрина, со душа која зрачи ведрина, со појава која едноставно плени. Недопрен цвет кој расте во дивина, далеку од човековата пакосна природа.

„Медена земја“ – македонски документарен филм, со две номинации за Оскар, вчера одекна во театарот Долби во Холивуд, Лос Анџелес, и иако не се закити со таа угледна награда, ние како граѓани на оваа мала но убава земја сме и многу повеќе од задоволни и почестени со тимот кој после 25 години не однесе на оваа престижна церемонија.

Филмот носи голема тежина, како за хероината Атиџе, за нејзината пожртвуваност и упорност, така и за животот, за човековата природа, како и неговата ненаситност и гнилост. Доколку сеуште не сте го погледнале, топло ви го препорачуваме.

Ова се само неколку работи кои можеме да ги научиме од овој импозантен филм:

  • Биди среќен со она што го имаш. Атиџе живее во четири ѕида, со една печка на дрва и дрвен кревет прекриен со чергиче. Без струја, светлина од свеќа или стара газиена ламба, а вода само од селската чешма, на која впрочем може и да снема вода, за зимно време да мора да го топи снегот за да ја изгаси жедта, додека канализацијата е мисловна именка за овчеполското село Бекирлија, каде Атиџе ни ја раскажа својата животна приказна. Таа жена можеби нема пари во џебот, но има сјај во очите кој ниедни пари не можат да го купат. Затоа бидете среќни со она што го имате, бидејќи некој и во ова модерно капиталистичко време-невреме ни тоа го нема!

 

  • Човечноста е ретка појава. Единствениот сосед, кој гледа во пчелите на Атиџе само профит и пари, негледајќи ја целата макотрпна и предадена работа во позадина, го превзема занаетот за кој Атиџе дури и го подучува, за на крај да и напакости и наштети на работата и пчелите на Атиџе кои се всушност и единствениот нејзин приход за опстанок во дивината. Добро е да учиш и да сакаш да напредуваш во животот, но биди и остани човек кон оној кој ти подал рака, кој ти помогнал и кој те подучил. За секого има место под сонцето, но не одземај ја светлината на твојот ближен, и најважно од се не подметнувај сенка таму каде што има место за светлина. Бог гледа. Се се враќа, се се плаќа. Не залудно рекле, кој на друг дупка копа, сам во неа паѓа.

 

  • Највозвишено нешто во животот е природата. Мирот и блаженството кое природата може да ти ги даде, никој друг на овој свет не може. Сонце, воздух, вода, ветер, мирис на планинско цвеќе, поглед од кој застанува здивот, тишина, спокој. Затоа треба да се грижиме за неа во секој момент, наместо бесконечно да ја користиме да и помогнеме и обновиме. Зелената боја е бојата на земјата, на тревата на дрвјата, нив треба да ги чуваме а не да ги боиме во сивило, бетонираме и асфалтираме! Сината е бојата на водата, а не хемиските отрови и пластики со кои ги загадуваме. Загадувајќи и искористувајќи ја природата несвесно ги загрозуваме и нашите животи, а природата кога тогаш ќе возврати, но за да не ни биде касно тогаш треба со време да се свестиме. Ние сме гости на планетата Земја, а не обратно!

 

  • Никогаш не знаеш што животот може да ти донесе! Среќната ѕвезда што сјае над битието на Атиџе, од немаштија за која не сме знаеле дека сеуште постои и донесе прошетка низ светот, места и луѓе кои можеби ние никогаш нема да ги запознаеме, освен да се сликаме со нивни восочни фигури во некој музеј или да се воодушевуваме на нивни слики на интернет. Од анонимец до гламур на црвен тепих и ехо на нејзиното име во светски рамки. Каков пресврт и импресивна животна приказна во едно. Бог е голем и гледа. Наградена е вистинската личност. Атиџе, го заслужуваш светот.

А ова е и порака до властите и политичарите во Македонија: Во руралните средини во нашата земја сеуште постојат луѓе кои произведуваат не органски туку 100% природни производи а живеат на раб на егзистенција, кои со малку помош можат да направат цела империја и со тоа да обезбедат работа и достојна живеачка за себе и пошироката фамилија, ако не и за областа во која живеат. Наместо трупање на се живо и диво во главниот град за една бедна административна столица која вам ќе ви донесе кожна политичарска фотелја, направете бум од руралниот туризам, бренд од производите кои се произведуваат таму, понудете живот онаму каде што тој полека но сигурно згаснува. 

Like или Share? А може и двете ..
fb-share-icon0