15 октомври 2024
ПоследноПриказни од животот

ТРОШАМ, значи постојам!?!

Маркетингот и целата дигитализација преку која секојдневно не бомбардираат со волшебни реклами со кои многу умешно ни ја искривуваат сопствената перцепција за реалноста и притоа не заведуваат и наведуваат да посакаме да го имаме тоа што го нудат, да родат чувство во нас дека со тоа „нешто“ нашиот живот ќе стане поисполнет, повесел и необично магичен, е можеби најголемото зло кое му се случило на денешницата.

Толку труд, креативност и имагинација вложени во една слика, мелодија, краток филм, една се само едноставна не реклама, за да не натера да потрошиме средства на нешто кое можеби ни треба а кое сигурно ни е тотално непотребно, бидејќи и така сме затрупани со работи кои не ни требаат, но ете поради „непознати“ причини ќе го купиме тоа нешто кое можеби и никогаш нема да го употребиме или кое најверојатно ќе ни здосади после првата употреба. Звучи апсурдно нели?

Порано важеше паролата: „Мислам, значи постојам“, но денеска тоа некако менува правец во една друга искривена димензија, каде царува слоганот: „Трошам, значи постојам“! Кога станавме заробеници на нешта за кои веруваме дека ни го прават животот позабавен и поисполнет? Од кога материјалното стана поважно од духовното? Дали важните работи во животот ги заменивме со купечки работи за една употреба?

Дали станавме зависници од тоа да имаме повеќе пред себе отколку да имаме во себе?

Дали последниот модел на мобилен телефон ќе те направи посреќен иако душата едвај ти се смее? НЕ! Дали скапите парчиња гардероба ќе ти ја вратат насмевката на лицето иако срцето ти е празно? НЕ! Дали новиот и скап автомобил ќе те направи поголем во очите на луѓето околу тебе? За жал, одговорот е повторно НЕ!

Материјалните работи не го прават животот посреќен. Напротив, нематеријалните работи се тие кои му даваат боја на животот! Семејството, пријателите, најобичните прошетки во блискиот парк, маалските дружби позади зграда на клупа, едно обично кафе испиено со омилената личност покрај себе, ете за тоа вреди да се живее. Тоа драги мои со пари не се купува. Затоа бирајте мудро во иднина, и не заборавајте дека работите кои ги поседувате не ве прават тоа што сте, туку тоа што е во вас, вашето срце, душа, емоции, карактер, тоа сте вистинските вие!

Не заборавајте, среќата доаѓа одвнатре.

Like или Share? А може и двете ..
fb-share-icon0