Воспитувај деца за да разгалуваш внуци
„Ако ги воспиташ своите деца, тогаш можеш да ги разгалуваш своите внуци;
но ако ги разгалиш своите деца, тогаш ќе мораш да ги воспитуваш своите внуци.“
Толку кратка но толку моќна порака.
Родителите се тие кои ги создаваат навиките кај своите деца, ги обликуваат нивните способности, и воедно се грижат да ги насетат и насочат нивните афинитети, предиспозиции и секако желби за кои децата мечтаат. Воспитувањето започнува од мали нозе, и тоа со навидум најбаналните работи, како што се самостојното миење на раце, лице и заби, облекувањето патики и јакна, помагањето во домашните обврски и други. Кога ќе тргнат во училиште, сами да бидат одговорни за своите книги, средување на ранецот и пишување на домашната работа, нормално на почетокот со помош од страна на родителот.
Доброто однесување, почитувањето на постарите, добрите манири и убавиот збор, трпението, скромноста, пријателството навидум се мал но многу важен дел од една индивидуа. Детето гледа и повторува по вас. Доколку вие ги поседувате тие карактеристики тогаш и тоа ќе ги применува, бидејќи тоа на вас се огледува. Ако пристапувате со добар збор и љубов кон детето и кон околината, и тоа ќе се однесува на истиот начин, но доколку ширите говор на омраза и агресија, што друго да се очекува освен истото и од вашето најмило.
Тука не станува збор за темпераментот на детето, бидејќи тоа е индивидуална карактеристика, туку за карактерот кој не заборавајте дека вие го обликувате со помош на домашното воспитување.
Понудете му на детето здрава средина во која ќе може да учи, да се надградува, да истражува и секако да биде свое. Не му наметнувајте ваши неостварени соништа, бидејќи тоа можеби сонува за сосема други работи спротивни од вашите, но дајте му опции како тоа само би се открило, а вие би го следеле и насочувале кон напредок.
Воспитувајте го пред се да биде добар човек. Давајте љубов за да ви возврати со љубов.
Доколку добро го воспитате своето дете, тогаш верувајте дека истите работи тоа ќе ги применува на своите деца, вашите внучиња. Тогаш како добри баба или дедо можете слободно да ги разгалувате своите внуци знаејќи дека поради вашата добро завршена „работа“ и вашите деца ја исполниле својата обврска кон нивните деца, односно ги воспитале во духот на добрина, почитување и добри манири.