Како ли било кога немало мобилни?

Дали и вие некогаш сте си го поставиле ова прашање? Каков бил животот без мобилни телефони, интернет, социјални мрежи?

Да почнеме вака .. Како, ама КАКО родителите ручале без децата да се сосредоточени во мобилните телефони? Да се разбереме, тогаш немало мобилни и таблети кои со цртани ќе ги замајат детските очиња и мозочиња полни со идеи за чачкање, истурање, качување итн растурање … Друго, не зборуваме за ресторани и јавни места, тоа е невозможна мисија, неее … зборуваме за домашни услови, кога сите се на маса, вклучувајќи ги денес и Пепа Прасе, Патролните шепи и други цртани херои кои се неизбежен дел од денешната семејна трпеза.

Второ прашање.. Како ли се одело порано во вц без мобилен телефон? Никако не ни е јасно. Сега без проблем секој го посетува тоалетот и безмалку останува таму и до половина саат, ако не и повеќе. Кога на човек му се иде, му се идеееее …

Како ли се чекало во чекална, како се возело во автобус, како се седело на клупа во парк, како се пиело кафе, како се комуницирало, како се стварале пријателства без „френд риквест“, о како ли само се живеело без денешната семоќна технологија која сите навидум не зближува а впрочем толку рапидно не оддалечува?

Ние всушност ја немаме таа слобода која луѓето ја имале порано. Не не, ние сме заробеници на модерното време, со невидливи синџири врзани за нашите телефони, зависни од технологијата, интернетот, туѓиот живот.

На маса порано се разговарало, а на тој начин луѓето подобро се запознавале, зближувале и споделувале помеѓу себе и добро и лошо. На тој начин врските се продлабочувале и семејствата и пријателствата се развивале на повисок степен. Родителите ги ранеле малите со игра и песна, со креативност и забава, гледајќи се очи во очи, срце во срце. Во чекалните се разговарало, бидејќи секако чекате за истата работа, во автобусите се создавале нови пријателства и се раѓале нови љубови. Да не го заборавиме другарот ВЦ, па таму ако е зорт луѓето решавале крстозбор или читале книга.

Затоа нема повеќе комшии и пријатели, затоа што наместо да се видиш доволно стана да се чуеш, наместо да направиш муабет во четири очи доволно е да си пишете, наместо да го прашаш ближниот ти ќе се обратиш на најблискиот пријател и сезнајко „гугл“, или уште полошо, на група жени „самопрогласени“ сезнајки кои едвај чекаат да си помуабетат со некој, па макар и преку тастатурата на мобилниот.

Затоа да се запрашаме уште еднаш, каков би бил животот без мобилните телефони?

Кратко и јасно – ПОУБАВ.

Like или Share? А може и двете ..
fb-share-icon0