15 октомври 2024
ПоследноПриказни од животот

Нема поубаво од домашно месено

Дали и вие сте израснале во време кога вашите баби и мајки меселе домашно барем еднаш во неделата? Убави времиња мора да признаете. Целата куќа мириса на топли печива, пити, пици, леб и што уште не, а сето тоа направено со еден тон љубов, вештина и трпение.

Времињата се сменети. Кога последен пат сте замесиле нешто вкусно и домашно за вашите најмили? Ќе речете дека немате време, премногу сте уморни, работата ве исцрпува, па уште и неред во кујната да правите и што уште не. Да, можеби до некаде сте во право. Но, секогаш постои едно НО, доколку успеете да ги вклучите и останатите членови на семејството во оваа активност на „домашно месено“ може и да не ја осетите толку напнатоста и „товарот“ кој сметате дека ваквите подвизи го носат.

Доволно е еден да се пријави да го измие спанаќот, доколку правите пита „а ла Попај“ или пак друг да ги измие после тоа садовите. Олеснителна околност и за вас а богами задоволството кога ќе седнете сите на маса ќе биде на сите.

Денес има се да се купи во продавниците и локалните пекари. Но ништо не е како домашно. Ќе ја земеме питата со спанаќ како една од многуте која може да ја приготвите. Колку таа има народски кажано „мастраф“ во себе? Можеби наместо урда сакате да ставите убаво сирење? А што велите за една вкусна и богата пица по ваш избор, со екстра кашкавал што се топи, печурки, кулен, по некое пршутче можеби… Имате можност да си направите по своја мерка и за свој мерак! И секако знаете што користите и што ставате внатре, без адитиви, без вештачки бои … чисто, свежо, топло и спремено со многу љубов.

Нека ви стане традиција ако не еднаш во неделата, тогаш барем еднаш во две недели да ги изненадите вашите најмили со едни топли кифлички, вкусни кроасани, пица ала мама, по некоја вртена пита или меко и топло лепче на кое сите ќе се израдуваат. Па уште ако имате помали мангупчиња и мангупки околу вас, верувајте дека тоа ќе бидат живи радости околу брашното, тестото, месењето, за на крај мешињата да им бидат полни а душите топли и среќни.

Like или Share? А може и двете ..
fb-share-icon0