15 октомври 2024
ПоследноПриказни од животот

Дали сте знаеле дека човекот има 3 животи?

Сите ние имаме само еден живот за живеење. Вистина, но дали сте знаеле дека во овој живот ние живееме три животи? Да, да, не слушнавте добро, исто како што мачката има 9 животи, така ние, луѓето го имаме среќниот број 3.

Живот број 1: Од моментот на раѓање со до моментот на добивање на првото дете.

Вие сте бебе, тинејџер, и секако „возрасен“ до некоја мера кога го живеете вашиот прв живот. Учите, набљудувате, и се развивате во личност во која вашата фамилија, роднини, пријатели, општество, опкружување и најмногу од сѐ вашиот карактер и душа ве обликуваат. Студирате, патувате, експериментирате, доживувате и ја истражувате љубовта, природата и секако себеси. Поместувате граници и размислувате пошироко од наметнатите општествени рамки. Менувате места на живеење, луѓе, работни места. Го живеете вашиот живот до максимум бидејќи вие сте вашиот број 1 приоритет во животот.

Живот број 2: Од моментот на посакување добредојде на вашето прво дете се до моментот кога вашите деца не пораснат и се осамостојат.

Самошто помисливте дека вашиот живот не може да стане подобар од тоа што е, нова светлина, нов почеток, најголемата радост – вашето прво дете влегува во вашиот живот и го менува од корен, го врти за 360 степени, и вие осознавате длабоко во себе дека ова е значењето на животот, дека постои нов приоритет поголем од самите вас на кого ќе го дадете вашето време, внимание и најмногу од сѐ љубов! Од овој момент па натаму, вие не сте само личност, вие сте и родител. Живеете за тоа дете, работите за него, ги планирате и реализирате сите животни активности околу него. Тоа е благослов кој животот ви го дарил кој ќе го сакате, негувате и водите, давајќи го најдоброто од себеси како би го израснале во личност која ќе танцува низ животот, личност која ќе пее по нотите на љубовта и личност која ќе размислува и ќе се движи под водство на своето срце.

Живот број 3: Од моментот на осамостојување на вашите деца па се до крајот на животниот пат

Вашата мисија е исполнета. Децата ги имате научено како најдобро да пловат низ животот и сега тие сами треба да ги испишат новите страници од нивниот живот. Во овој момент останувате „сами“ со својот животен сопатник, партнер, пријател или пак со себеси да го продолжите патот понатаму. Работната кариера е завршена, децата се пораснати, а вие можете повторно да се свртите кон себеси бидејќи повторно сте си приоритет број 1 во животот, но за разлика од првиот живот, сега сте со малку повеќе години но и со многу повеќе искуство и мудрост во себеси. Го имате целото време на светот да си се посветите, без обврски, задолженија, работа – дома активности, 24/7 ангажмани на сите страни. Сега е моментот да одмарате, да читате (повеќе од претходно, бидејќи имате повеќе слободно време на располагање), да патувате без да чекате одмор од работа, да го организирате вашето време како вие сакате и како вие сте расположени.

Ова се вообичаените три животи низ кои поголемиот дел од светската популација поминува, секако со одредени исклучоци кои не спаѓаат тука. Кој живот го живеете вие во овој момент и дали го исцрпувате најдоброто што ви се нуди низ него?

Без разлика во кој живот се наоѓате во моментов, не ја заборавајте големата слика, а тоа е да живеете исполнет живот, на начин којшто вие го сакате, сонувате и мечтаете. Да живеете со полни гради и полна душа. Срцето да ви е исполнето со љубов и радост а душата исполнета со смеа и позитивна енергија.

Иако се три животи во прашање, не заборавајте дека животот е еден!

Like или Share? А може и двете ..
fb-share-icon0