15 октомври 2024
МК ЛиковиПоследноПриказни од животот

Нина Беадер – Уникатна девојка која сонува со широко отворени очи

Ако нешто почитуваме, следиме и со гордост споменуваме, тоа се секако оние личности во економијата познати како претприемачи, но за нас светли ѕвезди на иднината, кои решиле да го превземат ризикот кој значи следење на своите соништа, стремење и давање 110% енергија, труд и посветеност на својата визија, со неизбежно излегување од својата комфорт зона, наоружани со иновативност, креативност и неизбежниот мирис на дарба и естетика, спремни да ја освојат Македонија, а потоа и светот.

Таква личност е Нина Беадер, главен и одговорен виновник за Blacklabel TM, креативен дизајн мајстор кој секојдневно изненадува со нови идеи полни љубов, елан и свежина, спортска и шик девојка, чија енергија моментално ќе ве плени. Почнувајќи од совршено меки, модерни и комфорни дуксери за секој ден, до маици, шишиња и памучни торби, издигнати на наредното ниво поради уникатниот принт кој е заштитен белег на овој бренд.

  • Која е Нина?

– Нина е daydreamer, сосема обична street style девојка, која е вечен патник со куферот во рака, фасцинирана од аеродромите низ светот уште од мали нозе, жител на модниот свет, страшен љубител на музика, играње и караоке со пријателите, топло дупло капучино во рака, девојката со веспа низ град која обожава да се дотерува, некој кој сака да се смее на глас, да вежба, и девојка која не може без фамилијата и пријателите во животот. Ако би требала тоа да го сумирам во кратко би било : Девојка инспирирана од добри животни искуства и приказни.

  • Од каде дојде идеата за Blacklabel TM?

BlackLabel TM e една многу лична приказна, која ете си го наоѓа своето место под сонцето и пазарот, нешто на кое многу се радувам. Вистината е дека покрај многуте коментари од тогаш една многу важна личност, дека нешто не можам и не умеам, и дека ќе останам таму каде што моментално тогаш бев, ме натера на проект како што е BlackLabel TM. Решив целата тага и лутина , да ја претворам во нешто креативно и свое. Нешто што никој никогаш нема да може да ми го одземе. Да создадам бренд низ кој ќе ги раскажам своите животни искуства низ призмата на моите дизајни. 

Името на брендот го предложи брат ми Синиша, мојот бизнис партнер и секако најдобар другар. Заедно ја водиме оваа модна приказна веќе една  година. И секако, да не го заборавам мојот единствен бренд амбасадор – Јасна Пилатес, која веруваше во брендот уште од самиот старт без двоумење, една прекрасна личност, со која имаме успешна соработка, некој со кој многу се смееме при секој нов проект, и некој кој особено го почитувам.

  • Што за тебе претставува твојот бренд?

– BlackLabel TM е една сосема поинаква модна приказна, која шири една позитивна енергија и добри вибрации. Бидејќи сум голем љубител на дуксерчиња, сакав и успеав да создадам дуксерчиња кои нема никогаш да ви здосадат, ќе можете да ги искомбинирате речиси со секој outfit. Секој дизајн на дуксерчето е инспириран од вистинска животна приказна, нешто што ми оставило голем впечаток, ме обликувало како личност, филозофија што ја живеам до ден денес. Пример, дуксерчето ”My own hero” e инспирирано токму од приказните дека не можам и не умеам, вечната борба сам со себе што секој ја има, и фактот дека сите ние сме сами свои херои, но на тебе останува која улога ќе ја одбереш, жртва или херој. Мене ми здосади од плачење, па решив сама да си ја вратам насмевката на лице. И не планирам да ја симнам. 🙂

  •  За кого е наменет овој кул тренд кој го пласираш на пазарот?

– Нема правила. Но, јас би го дефинирала вака: „Овој кул тренд е наменет за сите оние кои се заљубени во уличниот стил, за оние што патуваат низ цел свет и обожаваат да се сликаат по аеродроми сo куфер и добар аутфит, за сите девојки и момци што се пронаѓаат во секоја приказна на нашите дизајни, за вечните љубители на добро кафе, светските култури и добри љубовни и животни приказни.“ Навистина посветуваме многу љубов и внимание кон самиот производ првенствено, но пред се, најмногу ни е важен и самиот клиент.  Односот со купувачот е наш приоритет, многу од нив ни станаа и веќе драги пријатели. Ова е friendly бренд и тим кој се радува на секое ново познанство со моменталните и идните клиенти- пријатели.

   

  • Принтовите кои ги нудиш се нежни но и смели. За сега кој дизајн се покажал „подобар“ од останатите?

– Тешко прашање, бидејќи често добиваме пораки во инбокс: ,,Значи не можам да се одлучам, ги сакам сите!“ Знаете, бидејќи секој принт си е приказна сам за себе и си носи посебна емоција, можеби кога веќе би морала да издвојам, тогаш тоа би биле смелите принтови. Нивната силна порака, колоритност, и пред се квалитетот на самите дуксерчиња, услугата кон купувачот како и пакувањето на кое што особено посветивме внимание, се можеби клучните работи за одличен feedback од нашите клиенти.

  • Од каде ја црпиш инспирацијата за твоите дизајни?

– Инспирацијата за своите дизајни највеќе ја црпам од личните приказни, мојот моден стил кој го имам изградено низ годините, фамилијата, пријателите, музиката, светските дестинации, аеродроми, љубовни приказни, и се она што сметам дека мене лично ми е доста инспиративно, за да создадам свое модно парче пресликано на текстил.

  • Која e твојата „додадена вредност“ со која на потрошувачот му даваш повеќе со твојот производ?

– Она што сметам дека BLACKLABEL TM го двои од другите модни приказни и брендови на пазарот кај нас и во светот, е дека пред се не се натпреварувам со никој и имам почит за сечие дело, дури и по цена да не е по мој вкус. Знаете, низ своето искуство и присуство во модата, научив дека секогаш ќе има некој подобар и поуспешен, некој што ќе верува во Вас, и некој што нема да може да оддели професионално од лично, но и тоа е во ред. Она што фалело некаде, решив да го надоградам кај мојот бренд. Услугата кон купувачот, пакувањето, љубезноста, квалитетот, професионалноста во секој облик, и бркањето на своја работа и соништа, се моите асови во ракав на еден начин. Верувам во својот производ и во својата приказна позади себе.

  • Дукс и штикла, предрасуда или хит на уличната мода?

Уличната мода е безвременска. Растев со музиката на Michael Jackson, Lauryn Hill, Destiny’s Child Nirvana,Tupac, Jamiroquai, Ерзана, Aerosmith, крадени цд-иња од собата на брат ми како помала, само за да бидам кул кakо брат ми. Целата таа љубов кон музиката, ми ја отвори вратата на уличната мода. За мене лично, модата е личен свој експеримент , и секогаш иницирам да се облечам така како што ми наметнува расположението, бидејќи ретко пратам што толпата носи, и секогаш се водам според својата модна интуиција. За некого дукс, шорц и штикла не доаѓа во предвид, но мене лично ми се допаѓа. Знаете, и Бијонсе облече тренерка и штикла, па сите сметаат дека тоа е доста модерно. Со BlackLabel TM мојата цел е да прикажам како јас тоа дуксерче би го искомбинирала на мој начин, без никави наметнувања. Мислењата секогаш ќе бидат поделени, и тоа е во ред. И секако, ќе се навратиме на онаа стара добра поговорка: ,,За вкусови, сепак не се дискутира”. 

  • Што е пресудно за еден бренд да исплови на површината и тука да опстои, во ова бурно море од преплавена понуда? 

– За еден бренд да исплови и да опстои на било кој пазар, лично мое мислење е дека најважна е пред се твојата приказна. Што е тоа што сакаш да му понудиш на потенцијалниот клиент, а го нема можеби моментално присутно на пазарот. Точно е дека имаме еден тон луѓе што принтаат дуксерчиња со пр. Casa del Papel, слогани и најразновидни слики, но според мене сите тие се повторуваат и можеш да ги најдеш на секој чекор. За мене беше пресудно и сеуште е, дека секое дуксерче има своја приказна. И она што ме радува, е тоа што луѓето го препознаваат тоа. Им се допаѓа целиот тој концепт што од лични искуства имам своја модна приказна пресликана на едно модно парче. Нешто различно и направено со љубов и своја емоција. Како втора важна работа, ќе го издвојам пред се односот со клиентотНавистина се трудам да имам и имам разбирање и пријателски однос, и дел од клиентите ми станаа веќе пријатели и секојдневно знаеме низ социјалните мрежи да размениме смешка. Тоа Ви е клучна алка за се понатаму. Љубезност пред се. Трето е квалитетот на продуктот и заштита на својот труд. Останете во своите рамки на својата визија и во вашиот фокус. Работете едноставно на свој начин. Потоа ќе го издвојам пакувањето на продуктот. Јас сум човек што пакување и те како може да ме купи, но и самата кога подарувам некому нешто, гледам да е тоа скоцкано на мој начин. Така и со BlackLabel TM. Започнавме прво со  кутиите од  Paper Box и љубезната Сандра , каде со секое дуксерче имавте и custom made кутија ( каков дуксер-таква кутија), па сега се одлучивме за елегантна црна кутија која наиде на многу пофалби.

  • Каде го гледаш Blacklabel TM за 10 години од сега?

– Интересно е да се напомене, дека брендот веќе буди доста голем интерес во Грција каде што и моментално живеам, Србија и пред се во Македонија. Мојот бренд го гледам низ улиците на светските метрополи, големите аеродроми. Ова се дуксерчиња кои дефинитивно нема никогаш да ви здосадат, ќе се вклопат одлично во секоја модна комбинација и тешко дека ќе сакате да се одделите од нив. 🙂

   Што друго да ти посакаме, освен светот да биде твој Нина. Продолжи да ни пренесуваш добра енергија преку своите креации и да ни ја збогатуваш модата низ македонските улици. Веруваме во тебе и нека твојот дизајн стане светски препознаен и признат бренд чија модна нота ќе одекнува низ сите метрополи ширум светот.

Like или Share? А може и двете ..
fb-share-icon0