КАРАНТИНОТ не може да трае БЕСКОНЕЧНО!
Драги луѓе, сограѓани, кога ќе разберете дека овие мерки на рестрикција, карантинот и полицискиот час не можат да траат бесконечно? Кога тогаш ќе мора да се соочиме со оваа „чума на 21 век“ и да ја надминеме некако.
Бројките ќе се намалат ама нема да исчезнат. За оние кои чекаат вакцина, разберете дека далеку е тоа од денес. СЗО вели дека и после прележување на вирусот, организмот не станува имун на него и дека тој може да се повтори во иднина. Нешто како сезонскиот грип кој се јавува во огромен број случаи, лесно се пренесува и е доста тежок, особено на есен и во зима. Сите кои го прележаа на некој начин зимава што помина, знаат за што зборуваме. Се надевам се сеќававте дека цела зима се бараше да се прогласи вонредна состојба поради огромниот број на заболени, празните градинки и школи и тешките симптоми низ кои заболените поминуваа. Мај доаѓа, летото брзо ќе летне, што правиме тогаш на есен?
И да не се отворат школите во мај, верувајте дека ќе се отворат во септември, и што тогаш? Малите ќе тргнат во градинка, децата во училиште, студентите на факултет и останатите на работа. Како планирате тогаш да се оддржи таа дистанца од два метра или ќе ја средиме работата со задолжително носење на маски? Некако не звучи како изводливо, иако реално тоа ќе бидат мерките кои ќе бидат наметнати. Чаре?
Што да направиме за психички и физички да се спремиме за есента која доаѓа, а која ширум ќе ги отвори портите на сите сезонски вируси, бактерии и настинки, меѓу кои и новонастанатиот Г-дин Ковид 19?
Прифаќале вие или не, решението лежи во летото кое следува. Децата нека бидат надвор, на сонце, на езеро, море или планина. Истото важи и за старите и малку постарите. Да го појачаме имунитетот во топлите денови, како би го спремиле за одбрана во ладните денови. Друг излез не гледаме. Друг излез и не постои, бидејќи не можеме вечно да бидеме затворени дома и да чекаме ова туку така да помине, бидејќи нема!
Да и погледнеме на реалноста во очи и да ја прифатиме како таква, бидејќи друга реалност и не постои. Нека ни е со лесно.
Искрено ваш, Мартин