ЕВОЛУЦИЈА и РЕВОЛУЦИЈА на женската убавина

Жената низ годините и вековите подлежи на постојани промени, како надворешни така и внатрешни. Надворешните промени поврзани со изгледот и природната убавина, полека преминуваат во нацртана „вештачка“ убавина која ја носат светските трендови кои поради остварување на свои таргети и астрономски приходи наложуваат прикривање со тон пудра, како за почеток, како и останати препарати кои ќе ве доведат до вашиот „совршен“ изглед.

Ако и тоа не ви помогне, тогаш тука се филтрите кои на интернетот чуда прават и ве претвораат во „убавица“ која секогаш сте сакале да бидете. Можеби не секогаш, но откако ни ја продале  и длабоко протнале сликата за тоа како една жена треба да изгледа за да биде „убава“. Наметната, насилна, извештачена, неприродна убавина, скриена позади слоеви хемиски препарати кои не само што ја сокриваат вистинската убавина на жената, туку и ја искривуват реалноста и перцепцијата на она што некогаш било поим за убавина.

Слободно може да заклучиме дека надворешната убавина оди во надолна линија, за разлика од минатото каде природното било и она најубавото, а не како денес лажното, бидејќи сепак не е вистинскиот, туку нацртан, обоен, „кукла за во излог“ лик.

Сепак, најважно од се е внатрешната убавина, она што го носиме во нас и она што не претставува кои навистина сме. Внатрешната убавина ја сочинуваат сите оние мали и ситни нишки на карактерот кои ја откриваат убавината која на телото му дава посебен сјај и шарм кој зрачи од самата душа на жената.

Таа извира од очите, се наѕира во насмевката, се чувствува низ говорот, движењето, енергијата која ја носиме и шириме околу нас. Верувале или не таа оди во нагорна линија! Жените се повеќе стануваат свесни за својата моќ која тие во општеството и општо во животот ја носат.

Можеби звучи контрадикторно, но сепак едното е зграбено од свестките канџи на конзумеризмот, имагинативниот свет на интернетот и глобалните модни трендови, нешто што е актуелно во моментов и може да се промени во било кој момент во иднината,  додека другото извира одвнатре, од душата и тоа е нешто што не може да се сопре, како ураган кој надоаѓа и ги руши сите минати наметнати вредности, стереотипи и предрасуди кои се наложени од општеството кое секојдневно се менува.

Силата извира одвнатре и таа е онаа вистинската, исконската кон која треба да се стремиме сите ние. Таа ја креира судбината, ги насочува мислите, ни го бои животот. Да се насочиме кон внатре наместо кон надвор, затоа што вистинската убавина доаѓа одвнатре.

За вистинските вредности кои се врежани длабоко во нас, а кои секојдневно ги откриваме и градиме околу нас. Да сме живи и здрави и СРЕЌЕН 9ти МАРТ!

Like или Share? А може и двете ..
fb-share-icon0