Наместо АДМИНИСТРАЦИЈА онлајн АПЛИКАЦИЈА

Пандемијата го сврте целиот свет, смени многу работи и понатаму продолжува да менува. Почнувајќи од начинот на живот, комуникација, здрава храна, се до енормно зголемениот раст на користење интернет, купување, тргување и секако плаќање онлајн.

Дали пандемијата го најавува згаснувањето на административната и канцелариска работа, пополнувањето на хартиени обрасци и долгото чекање во редиците за завршување на било која бирократска работа?

Реалноста е дека се повеќе се вртиме кон животот преку можностите кои интернетот ги нуди. Наредно би било комплетно завршување на било која обврска која ја имаме према системот во удобноста на нашиот дом а со користење само на мобилен уред кој има интернет!  Со тоа секако ќе згаснат многу работни места, но сакале или не мора да прифатиме дека тоа е иднината!

Колку е тоа добро, толку има и лоши страни.

Добрата страна е што ќе се избегне чекањето со часови за да дојдеме на ред како би приложиле еден обичен лист хартија, за „насмеаниот“ нервозен службеник да го земе и да не воведе во системот. Сите обрасци би биле приложени онлајн и истите би ги пополнувале и испраќале преку интернет. Тоа е иднината! Помалку хартија, помалку исечени дрва за нејзино производство, поубава природа и почист воздух. Истото важи и за чекањето во ред за плаќање на сметки. Го внесувате само кодот на вашата платежна картичка и работата е завршена.

Лошата страна би била што самиот процес на дигитализација на администрацијата би довела до масовно губење на работните места, што значи дека луѓето ќе мора да се пренасочуваат кон други струки, работи или занаети.

Но, има тука и една мрачна позадина која мораме да ја спречиме доколку дури и насетиме дека надоаѓа, а тоа е згаснување на маалските бизниси, продавнички, книжарници и останати трговски структури кои се места каде се сретнуваат луѓето, разменуваат по некој убав збор, насмевка, мисла и создаваат една пријатна меѓучовечка атмосфера која не зближува меѓу себе и не прави тоа што сме – ЛУЃЕ.

Како пример ќе земеме продавница за книги! Наместо да отидете да купите некоја книга, па да поразговарате со продавачот на книги, па тој или таа да ви препорача нешто ново, интересно, нешто едноставно по ваш вкус бидејќи долго време веќе пазарите таму и односите ви се веќе на друго ниво, вие да купувате преку интернет! Со тоа се губи основната комуникација меѓу луѓето, во четири очи, со поглед, збор, насмевка, размена на мисла, случајното пријателство. Да не дозволиме новото време да го згасне човечкото во нас. Интернет ДА, но само до одредена мера.

Бидејќи сме топли суштества на кои ни треба контактот со други луѓе. Да останеме такви …

Like или Share? А може и двете ..
fb-share-icon0