15 октомври 2024
ПоследноУтринско разведрување

Украсете го домот, стоплете ја душата и спремајте се за НОВА подобра ГОДИНА!

Ах каква година беше оваа 2О2О. Нека каже кој што сака, но јас сигурно не би сакала да се повтори. Да не ме разберете погрешно, годинава секако имаше и многу убави моменти полни со радост, преплавени со љубов и насмевки, како и неброени семејни незаборавни случувања исполнети со прекрасни патувања низ преубавата ни татковина, Македонија. Ќе кажете тогаш па што ни фалело ако сето тоа сме го имале …

Фалеше детскиот џагор на маалските лулашки, бескрајните дружби со најдобрите пријатели, насмеаните лица по улиците и во продавниците, секојдневните безгрижни прошетки, кафе муабетите со другарките, како и по некоја чаша вино и фина вечера со избрано друштво. Фалат силните прегратки со луѓето кои ги сакам, ете тоа најмногу фали!

Ама ќе помине. Што не поминало, па така и овој кошмар на 21виот век ќе замине како што и дојде. Убави и повесели денови се пред нас. Време е домот да засветка во нашите омилени бои а веселиот дух на празниците да се насели во нашите срца и таму да остане. Време е за украсување, декорирање, готвење и едноставно уживање во празничните денови кои набрзо ќе тропнат на нашите врати. Дајте да уживаме и домот да го исполниме со живост, позитивна енергија, тони љубов и спокој.

Годинава нека биде шарено, преплавено и светкаво на сите страни. Само напред и дозволете си да претерате со светкавци, со бои, со украси, ма нека светка и трепка и дење и ноќе. Годинава се е дозволено. По ваш вкус и ваша мерка, без никаква замерка, нека сјае во вашите очи и свири во вашите души една блага мелодија исполнета со мир, љубов и хармонија. Уживајте секој ден и нека секој момент биде магичен …

Искрено ваша,

Бисера

Like или Share? А може и двете ..
fb-share-icon0