Марга Сол – Шармантна ДИЏЕЈка со живот преточен во музика

Интернационален Диџеј и музички продуцент, со 17 издадени албуми зад себе, преку 250 компонирани и продуцирани композиции кои се издадени во преку 5000 компилации на светски познати издавачки куќи, основач на M-Sol Records, но и постојан перформер на егзотични дестинации како Ибица, Карибите, Доминиканска Република, Мексико, Италија, Санторини, Миконос и уште многу други.

А Марга, со која делевме клупа во основно школо, е една сосема „обична“ но тотално префинета и кул девојка, шармантна, скромна, со прекрасен и шаренолик карактер со кој веднаш ќе посакате да бидете пријател. Една чиста душа полна љубов и бесконечен низ од ноти кои и го бојат секојдневието во еден магично разигран свет полн воздишки и емоции.

Со многу љубов и максимална посветеност и труд ги руши сите музички бариери и со својата музика создава еден светски познат бренд, кој местото си го наоѓа под сонцето, покрај разиграното море, преубавите плажи, пејсажи и зајдисонца кои го одземаат здивот, а кои се всушност нејзино секојдневие на кои животните патувања ја водат.

Додека ги составував прашањата ја пуштив нејзината музика и ставив чаша вино. Зборовите почнаа да течат сами од себе додека душата ми најде некој чудесен спокој и блажена мир. Еден добар флоу кој звуците искомпилирани од нејзините вешти раце водени од талентот за слух ме однесоа духовно на едно друго ниво на расположение. Ритамот на мислите и тактот на срцето фатија ист ритам. Зен.

  • Марга, кога се роди твојата желба за музика?

– На 5 годишна возраст за роденден добив подарок, мал синтисајзер Yamaha, со две октави. Оттогаш овој синтисајзер стана мојата омилена играчка. Ги учев сите песни што ги знаев, свирејќи со два прста, по слух. Потоа открив дека можам и сама да измислувам песнички наснимувајќи мелодија врз мелодија. За мене тоа беше најдобрата забава на светот. Моето детство го паметам по оваа играчка која ден денес ми е сеуште омилена, иако во пософистицирана форма!

  • Од каде ја црпиш инспирацијата за да создадеш едно музичко дело кое ќе ги скокотне сите сетила?

– Буквално од секојдневниот живот. За мене секое искуство е инспирација, добро или лошо, сите тие случувања и доживувања се моменти за кои се радувам што сум жива, затоа што можам да ги искусам, можам да создавам, да креирам, да споделувам. Во мојата глава секоја случка, секое доживување има звук, има тон, има мелодија. Животот е комплексна музика од варијации на тонови!

Но Природата, нашата прекрасна Планета Земја со сите нејзини форми и постоења ми предизвикува најсилни емоции, затоа што конектирајќи се со неа, јас се поврзувам уште посилно со себе, со целото мое и севкупно постоење, и тогаш најлесно протекува низ мене несвесна низа на фрекфенции и тонови, мелодија, музика. А кога создавам, не мислам, само чувствувам…

  • Како би ја опишала својата музика?

Искрена, директна, сензуална, емотивна, шарена, позитивна…
Се што создавам е нешто што го чувствувам, го живеам, го доживувам. Доколку би требало да ја објаснам теоретски, тогаш создавам Амбиентална, Релаксирачка, така наречена Chillout музика, но и електронска, Deep House музика. Знам да навлезам длабоко, емотивно, да создадам оркестрација од мелодични тонови, знам да создадам и музики инспирирани од разни културолошки делови на светот, ориентални, етно, афрички, латино звуци, но го сакам и електронскиот ритам на срцето, ритамот на клубот, ритамот на адреналинот, секако сето тоа склопено на мој начин. Зависи со кој дел од себе се конектирам во моментот 🙂

Каде повеќе се пронаоѓаш, пуштајќи музика на некое егзотично место или во твоето студио од каде целата магија започнува?

– Најпрво себе се гледам како композитор, продуцент, како креатор на музика. Го обожавам моментот на создавање на ново дело, на музика! Но го обожавам и Dj-ството, затоа што на некој начин и тогаш креирам, креирам моменти во кои не само јас, туку и поголема маса на луѓе ужива, ги правам среќни, создавам чувство на безгрижност, опуштеност или едноставно иницирам позитивен адреналин, повторно преку фузија на музички звуци. Не случајно создавам музика од 2003 година, пуштам музика од 2005 година. Не е ништо лесно, но љубовта е преголема. Не можам да замислам живот без создавање музика, преку што јас го изразувам моето постоење на овој свет, а некому ќе разбудам убаво чувство, емоција, идеја!

  • Пандемијата можеби ги запре патувањата но овозможи многу време за работа во студио. На што работеше за време на карантинот и што научи од целава збркана ситуација?

– Многу ми фалат патувањата, настапите низ Македонија, но особено надвор од Македонија, сите тие искуства, познанства, пријатели, размена на енергија, музики, среќа. Но по природа не сум човек што се откажува или лесно паѓа. Да, ме погоди и мене пандемијата, но секогаш наоѓам начин во сите ситуации низ животот да најдам Среќа.

Од мали сме учени Светот да го набљудуваме во дуалност, добро и лошо, црно и бело. Заглавени во таа измислена, наметната категорична поделба и судење на искуствата и луѓето околу нас, премногу свртени кон надворешноста, многумина се губат себеси по патот, бледее смислата на живот, а Среќата останува на “одбраните”.

Оваа пандемија не затвори дома, со своите фамилии, со своите блиски и не стави на тест. Некој го поминува лесно, некој потешко, но вредностите наеднаш се сменија, нели? Секој момент на постоење е важен, колку само ја љубиме слободата на движење, на изразување, на однесување, на себереализирање. Колку ни се важни тие до нас, а колку тие околу нас? Која е суштината на животот? Вака, вирусно заразен?

Нештата отсекогаш се случувале, пандемии, војни, поплави, земјотреси, пожари… Но, утре дрвото повторно ќе цвета, сонцето ќе грее, а ние еве, сеуште сме дел од овој голем прекрасен организам, Планета. Среќата сами ја создаваме, ја препознаваме. Биди благодарен на секое убаво искуство, прифаќај и учи од секое не толку убаво искуство, затоа што најважните лекции се најтешки!

Научив да ја препознавам Среќата во себе, околу себе, затоа што секогаш постои онаа бела точка и во најголемата темнина, зависи што ќе одлучиме да препознаваме!

Продолжив да создавам музика, масовно да создавам… затоа што едноставно го правам тоа за што постојам, имало или немало пандемија. Препознавам многу луѓе кои се свртени кон Среќата во цела оваа збрка, се радувам што се конектираме, се поддржуваме и навиваме за подобро утре, за сите. И ова ќе помине…

Создавањето музика е дарба или постојана работа и надградба?

– Дарбата е неопходна, но без постојана работа и надградба, нема успех. А што е успех? Чувството на себереализираност, чувството на Среќа, на споделување, дека го живееш она за што постоиш, затоа што таа дарба има долги, остри нокти кои силно дерат одвнатре се додека не и отвориш пат да излезе на виделина за да си ја добие онаа соодветна форма низ која треба да постои.

  • Што претставува за тебе M-Sol Records?

– Јас сум навистина горда што веќе 8ма година успешно ја водам мојата музичка издавачка куќа. Тешкиот пат кој јас го поминав низ музичката кариера ме натера да ја започнам оваа приказна, на M-Sol Records.
Тоа е свет кој јас го создавам за љубителите на убава музика, свет во кој можат да уживаат, да се реласкираат, свет во кој се поврзуваат меѓу себе и со себе низ музиката. Свет во кој илјадници души се среќаваат едни со други, соработуваат, комуницираат, создаваат пријателства, учат многу едни од други, едноставно се реализираат. Свет во кој можам да помогнам на многу артисти, да бидат чуени, да им отворам пат, да направам нешто корисно, затоа што добро знам што значи помош за еден артист во денешната музичката џунгла на масовна продукција и сурова експлоатирачка тиранија.

Сепак се фокусирам на позитивната страна на музичкиот свет. M-Sol Records е поврзано со Мarga Sol, што значи “Musica del Sol Records” односно Музика на Сонцето. Фокусирани сме на издавање Chillout, Lounge, World Music, Deep House музика, музика што никогаш нема да зајде, и секогаш ќе изгрева. Музика која едноставно ќе те потсети колку е прекрасно, едноставно да си жив!
Издаваме илјадници познати, но и помалку познати музичари и артисти од цел свет, но секогаш бираме позитивни соработници, вистински, искрени вљубеници во музиката, затоа што ова е навистина тешка и макотрпна дејност, секојдневна работа која ја работам со огромна пасија и љубов, затоа бирам да бидам опкружена со убава енергија.

Каде се гледаш себеси за 10 години од сега?

– Се гледам со уште поголема, поуспешна компанија, уште поголем тим кој ќе ги покрива сите сфери на креативност, од издавање, снимање музика до видео продукција, концерти, масовни забави, но и софистицирани концерти. Јас работам на големи проекти, филмови и документарци, имам соработка со прекрасни артисти и креатори, многу патувања и настапи, мои концерти. Уште поголема креативност, предизвици и цели!

 

 

 

Топло ви препорачуваме да ја пуштите музиката на Марга Сол, а таа ќе обезбеди ваше мирно пловење низ мислите и отварање на една нова димензија на смирувачка енергија со креативен набој.

Марга, тебе ќе ти посакаме уште безброј зајдисонца насекаде низ светот, уште многу познати соработки и одлично сработени проекти и секако твоето име да стане светски синоним за квалитетна чил аут музика која не познава граници.

Like или Share? А може и двете ..
fb-share-icon0