„Удар по џебот“ за спас на планетата Земја!

Уште само денес имате време да купувате и користите пластични кеси, затоа што после поскапувањето од денар-два на 15 денари, многу брзо тие ќе отидат во историјата. Кој нормален ќе плаќа толку пари за една кеса, која секако при пазарење не е една, туку 3-4 за убаво да се распоредат производите.

Планетата Земја, единственото место кое го имаме за живеење оди во пропаст! Кесите се само една минијатурна, навидум мала и незначајна промена, но да не заборавиме дека секоја промена започнува со првиот чекор.

Не само во Македонија, туку низ целиот свет, знаеме како се воведуваат брзи и ефективни промени, а тоа е изводливо САМО АКО СЕ УДРИ ПО ЏЕБОТ!!! Возиш брзо, не пропушташ на пешачки, високи казни, па да те видам дали нареден пат нема да почитуваш правила во сообраќајот. А што правиме со цената на цигарите која допрва ќе скока нагоре? Или ќе моташ или ќе ги оставиш, трето нема. Ем ти го олеснува месечниот буџет, ем ти работи во корист на здравјето.

Епа исто е и со кесите. Прво ќе се противите, затоа што нормално е на секоја промена да се поставува одбрамбен штит, кој во овој случај ќе биде симнат веднаш! На промената ќе се навикнеме преку ноќ, а доброто во случајот е што барем малку ќе допринесеме со овој несебичен гест кон природата околу нас, која толку ја величиме а несвесно ја загадуваме со некои вакви навики.

Ама за секоја навика има и одвика! Секое чудо за три дена. А за оние гласните што велат кај баш за кесите сме се фатиле, да знаат дека ова е само прв мал чекор, а сите големи работи во животот започнуваат со мали чекори.

Уште една убава работа од сево ова е што тука лежи една добра идеја за бизнис – продажба на дизајнирани еколошки кеси за повеќекратна употреба! Торба за сечиј вкус, стилизирана, модерна, урбана. Звучи интересно нели? Дали чашата е полупразна или до половина е полна со вода, од вас зависи!

Like или Share? А може и двете ..
fb-share-icon0