Здрави сендвичи за секој ден
Кој рекол дека здравиот доручек подразбира јадење во длабок сад со лажица, тој не ги пробал вкусните и здрави сендвичи кои доколку се добро искомбинирани можат да бидат одличен почеток на денот. Тие не само што ќе ви ја дадат потребната енергија за да стартувате бомбастично, туку и ќе ве освежат и ќе ви дадат едно поинакво чувство на леснотија која ќе ве води низ целиот ден.
Благодарно ќе ви биде непцето, но и очите пред се, бидејќи овие свежи и вкусни сендвичи се мелодија за сите гурмани, љубители на доброто залче, но и олеснување за оние кои сакаат да ослабат и се на посебен режим на исхрана.
Најважно пред се е изборот на леб. Заборавете на лебот од бело брашно и наместо него одлучете се за лебот од полно зрно кој е полн со растителни влакна и е задолжен за добра дигестија на организмот и воедно ќе ве држи сити подолго време. Добар избор е секако и лебот со семки, од типот на сончогледови, семки од тиква, сусам, ленено семе и други кои уште толку ќе ви дадат енергија и дополнителни здравствени придобивки, како и ќе го збогатат вкусот.
Тајната на овие сочни сендвичи е во свежите состојки кои ги користиме за подготовка. За почеток ставете еден лист марула, тенко парче домат, неколку кругови краставица, по некој круг кромид и парчиња авокадо. Одозгора прелијте со сос од безмасна павлака, во која можете да додадете малку сол, бибер и свеж копар за комплетно уживање.
Комбинациите се бесконечни, едноставно треба да се свежи и по ваш вкус. А што велите за сендвич со туна, со парченца пиперка, малку домат и краставица, или пак печено пилешко месо, со крем од грашок, кој претходно ќе го спремите со малку лук, кромид и маслиново масло, сето убаво изблендирано и зачинето со сол и бибер. Додадете уште некоја печена тиквичка и воала, оброк за мерак. Свежо, вкусно, здраво и хранливо.
Во секој момент можете да направите сами намаз со кој ќе го збогатувате вкусот на вашите сендвичи. Еден од омилените и воедно едноставен за подготовка е намазот со модар патлиџан. Потребните состојки се: еден печен модар патлиџан, 1 лажица таан, малку сол, маслиново масло и 1 лажичка лимон. Брзо и вкусно! А што велите за здрав намаз од авокадо? Изблендирајте едно авокадо со малку лимон, 1 лажица хумус, малку ситно сецкано младо кромидче и лукче, и секако маслиново масло. Играјте со здравите намирници и направете намаз по ваша мерка.
Уживајте во секое залче на работа или дома, а вашето тело позитивно ќе реагира на промената која ќе ја воведете со овие здрави и вкусни оброци. Нека ви е на здравје.