Од кого МАЈКАТА е најмногу осудувана и озборувана?

Кога жената ќе стане мајка таа го доживува најдрагоцениот момент во својот живот. Од тој момент, ништо во животот нема да биде исто како порано. Тогаш започнува најтешката, најодговорната и психички најисцрпувачката работа со која таа ќе се соочи. Секако дека сета мака исчезнува после една прегратка или бакнеж од најмилото, но сепак покрај сите обврски кои таа мора да ги изврши, како да не и се доволно тие, тука доаѓаат и предрасудите, коментарите и осудите ОД ДРУГИТЕ МАЈКИ кои мора да се претрпат, голтнат како горчлива кнедла, или заборават како да не се ни кажани. Како најчести коментари би ги вброиле:

НАЧИН НА ПОРАЃАЊЕ – Ако си родила со царски рез, ти не си ни осетила што значи да се породиш. Ако си родила по природен пат, зошто си се мачела, наместо да си закажеш термин за царски рез. Ако си закажала термин за царски рез, каква мајка си ти наместо да се помачиш по природен пат да родиш.

ДОЕЊЕ – Ако имаш млеко а не доиш, види ја немајка, наместо да дои додека има млеко таа го одбива детето затоа што треба на работа да тргне. Ако немаш млеко и користиш формула, ти не знаеш што значи да ти е на гради цело време, ти само ќе пикнеш шишето и ќе завршиш работа.

РАБОТА – Ако си домаќинка, тогаш кутриот маж мора да заработува и да ја одржува фамилијата, додека жената само седи дома. Ако одиш на работа, децата ќе израснат без твоја љубов и внимание, па каква мајка си ти.

КОЈ ГИ ЧУВА ДЕЦАТА ДОДЕКА СИ НА РАБОТА – Ако ги праќаш во градинка, зошто не ги чуваат старите и така се во пензија, па во градинка ќе фатат разни болести, најубаво е кај баба и дедо. Ако ги чуваат баба и дедо, зошто ги малтретираш нив, па тие се стари луѓе веќе, прати ги во градинка. Ако ги праќаш во приватна градинка, зошто трошиш за џабе пари, прати ги во државна градинка како сите деца, се истакнуваш. Ако ги праќаш во државна градинка, зошто не ги пратиш во приватна, таму подобро ќе ги чуваат и учат на ред, парите вредат да се дадат, за децата се работи.

ВНИМАВАШ НА СЕБЕ – Ако водиш сметка за себе, односно посетуваш фризер, маникир, педикир и слично, трошиш време и пари, наместо да бидеш со своите деца. Ако не водиш сметка за себе, види ја како се запустила.

ИЗЛЕГУВАЊЕ СО ПРИЈАТЕЛИТЕ – Ако излегуваш, види ја само шета наместо да седи дома со децата. Ако не излегуваш, треба да излезеш да прошеташ, што си се затворила дома.

ОДМОР – Ако одмараш, тогаш си мрзлива. Ќе одмараш кога децата ќе пораснат. Ако не одмараш, дај одмори малце, си пропаднала.

КОЛКУ ДЕЦА ИМАТЕ – Ако имате едно дете, направете уште едно, не го оставајте само. Ако имате две деца и сакате трето, па вие не сте нормални, како ќе издржите со толку деца, пари требаат. За повеќе деца ич муабет не се прави.

ГОТВЕЊЕ – Ако готвите се домашно, зошто цело време во кујна поминувате, наместо да земете нешто купечко па да имате повеќе време за дружба со децата. Ако земете купечко, ете лошо го храни, наместо да му спреми домашно.

ЖИВОТ ВО ЗАЕДНИЦА – Ако живееш во заедница, тебе ти е многу полесно, има кој да ти помогне, да чисти, готви, деца да ти чува. Алал да ти е! Ако не живееш во заедница, тебе ти е исто многу полесно, никој не ти виси над глава, никој не ти кажува што и кога да работиш, правиш што сакаш и кога сакаш. Блазе си ти!

Муабетите продолжуваат до 101 и назад. Испитувањата покажуваат дека дури 90% од овие коментари се кажани од други жени! Факт е дека жената е најкомплексното суштество на светот. Не постои нешто поиздржливо, појако, поразумно, но и поконтрадикторно од жена. А што е најтрагично, сите се соочуваме со истите работи! Сите сме на истото тркало ставени.

Затоа наместо да се прекоруваме, треба да си бидеме најголема поддршка едни со други. Имајте разбирање и емпатија кон другите мајки, бидејќи и вие сте мајка.

Да ги отфрлиме предрасудите и да покажеме разбирање кон другите кои го имаат најголемиот предизвик во животот пред себе. Ако меѓу себе не се почитуваме, како да очекуваме „посилниот“ пол да не почитува? Размислете и сами одлучете дали сме во право …

Like или Share? А може и двете ..
fb-share-icon0