Дај на дете да јаде ШТО САКА, види ние како живи здрави сме пораснале!
Да се биде родител е најубавата и најголемата обврска која еден човек во животот може да ја добие. Додека децата се мали и растат, родителите се главни и одговорни за храната која тие ја внесуваат и со тоа уште од мали нозе имаат можност да им вкоренат здрави или „нездрави“ навики, кои детето ќе го пратат целиот живот.
Една од добрите страни на социјалните мрежи е тоа што можете да најдете групи каде се постираат разни рецепти за бебиња и дечиња кои секако можете да ги примените во секојдневниот живот. Таму мајки објавуваат јадења кои ги припремаат за нивните дечиња и бараат совети на сите можни теми поврзани со јадењето.
За жал, и покрај сите информации кои ни се на дофат во ова современо време, некои родители сеуште се водат по паролата: „Дај му на детето да јаде што сака, па нас како се ни давале и види како живи и здрави сме пораснале!“ Точно така. Но не и потполно до крај вистинито.
Храната која сме ја јаделе кога сме биле мали скоро и да нема допирни точки со денешната. Тргнете од млекото и јогуртот кои ги пиеме денес. Млекото е скоро обоена вода спакувано во тетрапак обложен со алуминиум, а јогуртот е густ како павлака поради разните згуснувачи и додатоци со кои производителите го „збогатуваат“ вкусот. Млекото порано се продавало во кеси, свежо, и требало прво да се свари за да биде спремно за пиење. Лебот, не дека којзнае колку нашите родители порано меселе, но со „напредната“ технологија да се произведе што повеќе, се иде повеќе на квантитет отколку на квалитет, односно денес јадеме леб како воздух, полн со адитиви и нараснувачи, калории во празно кои дебелеат и носат свои последици по здравјето. Месото е полно со хормони, а разните преработки од месо, како салами, чајни, виршли и што уште не, се дел од секојдневната трпеза на македонскиот народ. Од здраво поНЕздраво!
Обоени и преполни со шеќери корнфлекси, разни пудинзи кои се даваат дури и на бебиња, се преработено и убаво спакувано во шарени теглички и кутии, кои ако прочитаме што содржат во себе, нема никогаш да ни текне повторно да ги купиме!
Затоа е подобро чинија со житарици со овошје за појадок, отколку разни бели пецива и леб. Затоа е подобро домашно зготвено, отколку купечко и веднаш сервирано. Да тоа е полесно, но секако не е поздраво, а ние како родители треба прво да мислиме за здравјето на нашето дете, а не за тоа како побрзо да завршиме со оброкот!
Па и не сме толку здрави колку што сите викаме дека сме! Редиците пред аптеките се преголеми. Луѓето веќе од 45 години па нагоре пијат рака апчиња на секојдневна основа. Болниците се преполни, за „мој термин“ се чека со недели, па луѓе од мака одат по приватните клиники! Од апчиња за срце, за разредување на крвта, за притисок, за шеќер и за што уште не, се повеќе луѓето се на „апче“ токму поради тоа „ПА ШТО НИ ФАЛИ“. Пензионерите наместо да шетаат по светот, тие пензиите ги трошат секој први во најблиската аптека! Затоа размислете друг пат кога ќе се водите по оваа парола.
Секој од нас треба да внимава што јаде и како тоа влијае на здравјето на неговиот организам. Особено кога станува збор за нашите деца, кои јадат тоа што ние ќе им зготвиме. Тие јадат тоа што ние ќе испазариме. Тие ги следат нашите постапки и ние треба да се потрудиме да бидеме што подобар пример за нив.
Здравјето пред сè.