Фросина Ангеловска – Уметничка душа со блинг-блинг став

Прв пат кога ја запознав Фросина пред околу 8 години, како денес да беше се сеќавам, пред мене се појави една ултра модерна, оригинална од глава до пети, софистицирана девојка која беше излезена како од модно списание, а беше „само“ 10 часот претпладне. Во тоа време таа бараше простор, нејзино лично катче, кое ќе прерасне во екстра луксузно студио, каде нејзините вешти раце ќе можат да го отворат својот талент кон македонските девојки и жени, спремни за магични трансформации. Нејзината „заразна“ енергија и исклучителен талент кој го носи, овозможи веќе 7 години да опстои нејзиното модно студио ФРАН, каде задоволните клиентки се само еден мал доказ за нејзината работа и љубовта која таа секојдневно ја вложува во неа.

Иако нејзината аура зрачи со екстравагантност, таа сепак е една благородна и пристојна девојка, која цврсто стои на земја и својот сон го живее токму тука, во Македонија.

           1. Дали Македонија е доволно голема и спремна да ги задоволи твоите апетити и аспирации кои длабоко во себе ги носиш, за кои знаеш дека си предодредена да ги живееш преку твојот талент кој постојано го надградуваш?

– Македонија, сама по себе нуди можност ако си навистина посветен лесно да се издвоиш од толпата. Нешто што во странство е тродупло потешко, првенствено поради поголемата конкуренција и второ бидејќи во странство секогаш ќе бидеме граѓани од втор ред. Моментално ми е комотно тука , а што носи иднината не би можела да предвидам.

           2. Храбро, впечатливо и авангардно се само дел од одликите на твоите дела. Колку македонските девојки и жени се отворени за вакви трансформации и дали чувствуваш дека честопати мораш да го ограничиш и скротиш твојот креативен уметнички набој како би се прилагодила на средината која сепак наложува некои „смирени“ правила на игра?

– Со текот на времето научив да правам дистинкција помеѓу она што сум јас ,што сакам да креирам и носам и она што го сакаат луѓето. Имено поинаку пристапувам кон она што го работам за себе, за своја душа и она што го бараат клиентите. Не гледам на тоа како скротување на мојот креативен набој туку како една позитивна карактеристика што сум ја стекнала низ годините, а тоа е можноста да се адаптирам за да задоволам речиси сечии потреби. Не велам дека при таа адаптација целосно се губи мојот печат, тоа е невозможно, туку едноставно се трудам да бидам версатилна и со тоа да ја зголемам потенцијалната публика-клиенти.

          3. Покрај шминката, актуелна е и твојата модна линија за дами со облини, трудници и доилки. Од каде дојде идејата за овој проект и која е твојата порака до жените кои сеуште сметаат дека широко, вреќасто и црно најдобро прилега и ја прикрива нивната фигура?

– Идејата за оваа модна линија постоеше отсекогаш. Како дама со облини и самата, константно сум морала многу повеќе да се потрудам да најдам парчиња кои се модерни, а истовремено и прилегаат на мојата линија и не се оние класични „бапски“ модели поради очигледниот недостиг на бројчиња во стандардните линии и непостоење на брендови кои биле „плус сајз“ . Изгледа на крај тоа успешно сум го правела, бидејќи со текот на времето почнав да стекнувам се повеќе клиентки кои биле (сеуште се) и самите дами со облини, а кај мене се обратиле само бидејќи им се допаднал начинот на кој јас се носам. Со оваа линија буквално им подарувам парче од себе, бидејќи искрено моделите најпрво ги правам за свој мерак и нема едно нешто што не би го носела и самата.

   

        4. „Магнетни трепки“ се уште еден твој моден додаток кој стана моментален хит кај македонските девојки. Која е додадената вредност која твоите трепки ја нудат и што ново да очекуваме од тебе?

– Јас сум човек чиишто креативни виуги ретко мируваат и секогаш размислувам на тоа „што можам следно да направам“. Идејата за магнетните трепки ми дојде сосема спонтано, а и периодот на комплетна безработица во нашата бранша наметна потреба да се најдат алтернативни начини за заработка. Така се решив на овој прилично захтевен подвиг, бидејќи вклучуваше неколку месеци константна „back and forth“ комуникација со фабриката која ги изработуваше, а богами и навистина значителна финансиска инвестиција. Нивната  предност е во тоа што апсолутно го сведуваат на минимум напорот за апликација, па така секој може да има професионално нанесени трепки во само 3 чекори. За среќа јавноста убаво ги прими, сега само чекаме да се создадат малку повеќе прилики за дотерување.

        5. Гламурозно и тренди или спортски и кежуал?

Гламурозно. Секогаш 🙂 Дури и кога се работи за тренерки, обавезно би ги искомбинирала со bling -bling.

6. Што би си кажала на себеси да можеш да се вратиш 10 години наназад во времето?

– 10 години наназад би било точно периодот кога се вратив од Јапонија и уште не знаев кој ќе биде мојот пат после завршените студии. На таа Фросина би и рекла „само продолжи така и бори се за она што го сакаш“, бидејќи искрено ниту едно искуство од изминативе 10 години не било залудно и ако во еден момент сум се посомневала во нешто „зошто така, зошто јас?“, сега знам зошто 🙂

   

   

          7. Што за тебе претставува среќа?

– Кога сите коцки се на место за мене и за моите блиски,

8. Каде се гледаш себеси за 10 години?

– Исто како што пред 10 години не сум можела да замислам каде ќе бидам денес, денес не можам да замислам каде ќе бидам за 10 години. Планирам само да продолжам да си го следам инстинктот и се надевам дека ќе ме однесе во правилна насока

Фросина е пример дека со многу љубов, оригиналност и истрајност во работата, соништата стануваат реалност. Оваа дама и понатаму ќе продолжи да ја шири својата дарба и да ја носи убавината на едно наредно ниво, а ние ќе и посакаме уште многу успеси, не само на македонската сцена, туку и во светски рамки, бидејќи само прашање на време е кога овој безвременски талент ќе биде препознаен од светската модна индустрија.

Бидејќи убавината, убавина раѓа.

Like или Share? А може и двете ..
fb-share-icon0