Дали конформизмот во Македонија го поткопува слободоумието?
Конформизам е пасивно прифаќање и прилагодување на мислењето и постапките на средината. Во пракса тоа би значело замижување пред проактивноста и отфрлање на било каква активност која би можела да се смета за необична или „ексцентрична“. Конформизмот ја исклучува креативноста, лидерството и самоиницијативноста и се спротивставува на промените и напредокот. Во позадина тоа би значело губење на независноста и самодовербата на поединецот.
Колку и грубо да звучи, ние живееме во длабока зона на конформизам, каде најважно е да најдеш работа која за жал и нема потреба да ги задолува твоите афинитети, бидејќи најважно е секако да се добива редовна плата, па каква и да е, и секако по можност во државните органи или во администрацијата, каде договорот би ви бил на неопределено време, односно би биле „обезбедени“ за цел живот.
Се прашуваме каде е тука слободниот дух кој како деца ни давал полет во нашите гради? Каде е зракот светлина со кој бестрашно сме ги премостувале сите препреки и храбро сме итале кон иднината? Каде се соништата за кои сме мечтаеле како млади, кои ни давале мотив за свежа и забавна иднина?
Дали влезот во светот на возрасните значи да го оставиме детето во нас, далеку зад нас?
Кој го убива слободниот дух во младината? Кој ги сече крилата на човекот пред воопшто да стапне во светот на „големите“, по што тој свесно бира „цврсто“ да гази на земја наместо да полета во висините каде невозможното не познава граници?
Дали конформизмот е толку зацементиран во македонската свест да ги руши и последните атоми на слободоумието и го поткопува креативниот ум кај младите?
Креативниот и отворен ум е токму како ова црвено лале, пространо на жолте поле преплавено од негови врсници, но не и истомисленици. Убавината е во разноликоста. Секој во својот код има изрезбано способности карактеристични само за него и тие наместо да се заобилокуваат и поттиснуваат, треба да се развиваат и надградуваат.
Не сите сме родени да бидеме костумосани, затворени во големи канцеларии, седнати пред компјутери секој ден. Некои од луѓето едноставно уживаат во својата полетност, и со дарбата која им е дадена во нивните раце, тело или дух сакаат да остваруваат и освојуваат некои сосема поинакви предизвици, кои на некого може му изгледаат банални и непотребни, но кои крајно ги исполнуваат неговиот дух, потенцијал и животен порив.
Промената започнува од самите нас, од начинот на кој родителите го воспитуваат своето дете да ги исполни своите умисли во животот, како зелено светло за следење на своите соништа. Со самото тоа што ќе му се дозволи да лета со широко отворени крила, не само што ќе му овозоможите на вашето дете да го оствари својот потенцијал, кој само на него како поединка му е дарен од Бога, вие ќе му дадете крила кои ќе можат да го одведат до најголемите височини и ќе му овозможите да ги види најпрекрасните воодушевувачки глетки кои животот ги нуди. Вие како родители сте тие кои треба да бидат најголемата поддршка, потпора и она дополнително поттурнување кон себереализација.
Поголема среќа од тоа нема. Исполнетост и полетност секој ден во неделата. Насмевка и ведар дух кој зрачи толина, светлина и живот. Дајте им можност на крилата колку и необично сега да ви изгледаат. Дајте шанса на слободниот дух и дозволете да бидете одушевени со постигнатите резултати.
Затоа што љубовта раѓа љубов.