Тамара Јовановска – Згодната „Кенгурка“ со душа како памук

Ви претставуваме една особено мила и пријатна личност која ќе ја засакате уште првиот момент кога ќе ја запознаете. Поборник за здрава храна, физички и психички активна секојдневно, девојка претприемач која вежбањето го претвора од бизнис во забава, мајка на две мали дечиња а тело и дух на кои можат многумина да и позавидат – прекрасната Тамара Јовановска.

  • Тамара, секоја чест за твојот изглед, но како успеваш и покрај домашните обврски особено околу твоите дечиња да бидеш активна на секое поле?

– Здраво 😀 Фала ти. Ми значи секој позитивен коментар. 😊 Изгледот се должи на моите мали секојдневни рутини во кои навистина уживам. 😊 Не е лесно со две мали деца, сите обврски и работа од дома, но баш поради тоа, секој ден ми е предизвик. Станувам, имам онлајн состанок и паралелно подготвувам појадок за сите. Дури после тоа ми започнува денот. 🤣 Се трудам да се организирам и да правам прво работи кои ме исполнуваат и ми даваат енергија, а не оние кои ми ја црпат. Давам приоритет на времето поминато во природа, оброците и секако лесен, краток тренинг, па после сè друго. А кога водиш здрав живот, сè друго е полесно. 😃

  • Како настана Kangoo Jumps и како би го опишала вежбањето во кое поголемиот дел лебдиш во воздух?

Kangoo Jumps ми е љубов за цел живот од првиот скок. Одлуката дојде преку ноќ. Сакав тоа уживање и леснотија во вежбање да ја пренесам на што повеќе луѓе и уживам во секој тренинг. Ме исполнува промената што ја гледам кај вежбачите и нивните задоволни лица. На многу од нив успеав да им ја пренесам љубовта кон вежбањето и тоа ми е доволно.

На тренинг буквално се осеќам како да лебдам. Слободна, своја, релаксирана. Самиот тренинг ме ослободува од стрес, ми ја чисти главата, а секако си придонесува за добро здравје и изглед. 😊

 

  • Дали „Кенгурка“ може да биде било кој, или сепак има ограничување на тежината?

– Кенгурка или кенгур може да биде секој 😁 имаме кондури кои се со издржливост до 90кг и кондури кои се за до 120кг. Најважно е личноста да има желба да ни се придружи. Покрај вежбањето можат да добијат совети или план за исхрана и да го постигнат посакуваниот резултат за побрзо време.

  • Каде ја црпиш твојата духовна смиреност и особено мотивирачки елан за вежбање?

– Не секогаш сум мотивирана да вежбам, но она што ме води е чувството што го имам после тренинг и себенадминувањето кое ми е предизвик, посебно кога вежбам сама. Ме држи дисциплинирана на секое поле, па полесно ми е да се организирам во текот на денот и да се справам со секојдневните предизвици. Духовната смиреност ја пронаоѓам длабоко во себе, а за тоа ми помага времето поминато во природа и одбрана книга со шоља чај.

  • 80% храна + 20% вежбање = ФИТ тело … Колку е точна оваа формула?

– Според мене, 100% точна. Не можеме да извежбаме, односно да потрошиме колку што можеме да изедеме. Тренингот е важен, но исхраната според мене е клучна и тоа во пракса ми се покажа на неколку пати. Во моменти кога имав повреди, како и во 2 бремености во кои ми препорачаа да не вежбам и неактивност после царски рез. Во такви моменти телото го одржувам само со исхрана и можам да кажам дека сум повеќе од задоволна со резултатот. Така да, од мое лично искуство дефинитивно е точна и тоа го препорачувам на сите мои вежбачи и клиенти.

 

  • Може да кажеме дека си еден исклучителен ФИТ гуру, па како тоа го рефлектираш кај своите дечиња и дали постои посебна исхрана која ја применуваш кај нив?

Децата прават тоа што гледаат, а не она што им зборуваме, па затоа ми оди лесно и овој начин на живот нив им е сосема нормален, а не наметнат. Вежбам и се хранам здраво, па за нив тоа е нормално и лесно го прифаќаат. Тоа е наша win win ситуација дома. 😁 Се трудам оброците да им бидат избалансирани, најчесто јас готвам за нив. Секако дека правам отстапки во одредени ситуации и дозволувам работи кои не би ги одобрила. 😂🙈 Тоа е ретко, со Ведран, но не сакам ништо да им биде наметнато, па затоа имаме компромис. Во секој случај, задоволна сум. Растат во природа, активни се нон стоп и се хранат здраво. Јас сум среќна мајка. ❤️

  • Што би им порачала на оние кои би сакале да го променат својот физички изглед?

– Дека може да постигнат сè што сакаат. 💪 Да најдат активност и тип на храна кои ќе им бидат уживање за цел живот, а не мачење на месец, два и пак да се враќаат на старите навики. Секако, доколку имаат потреба, да побараат совет и поддршка од човек кој е искусен и обучен да ги донесе до целта.

  • Каде се гледаш себеси за 10 години од сега?

– За 10 години од сега? 😁 Интересно, многу јасно се гледам како ФИТ мама на 3 здрави, палави и среќни дечиња. 🙈 Некаде на планина, блиску до борова шума и некое езерце или рекичка. Опкружена со мнооооогууу кучиња и неколку коњи. Работата си ја обожавам и ми е дел од животот, па ќе си ја продолжам онлајн, од некоја дрвена куќичка што ќе ми ја направи Душан. ❤️

Зборовите оддаваат за каков човек станува збор, а Тамара е со право наречена девојката со душа мека како памук. Тамара, ти посакуваме многу успеси во иднина и да продолжиш својата позитивна енергија да ја шириш преку тоа што од срце го работиш, а тоа е транформација на телото и воедно душата на оние кои ќе посакаат да изгледаат и да се чувствуваат подобро во сопствената кожа.

А вас, девојки и момци, ве охрабруваме да и се обратите на Тамара, бидејќи не само што ќе ви помогне да стигнете до посакуваната цел физички и психички, туку и ќе добиете еден верен и добар пријател за цел живот.

(Cover Фото кредит – Роберт Захариев)

Like или Share? А може и двете ..
fb-share-icon0