СТОП за градежната мафија!

СТОП за градење нови згради. СТОП за узурпирање на зелените површини со цел станбени парцели.

СТОП за уништување на Скопје!

Но дали навистина може да ја наречеме градежната индустрија – мафија? Тие само си го бркаат бизнисот и вложуваат таму каде што знаат дека многукратно ќе ги повратат своите инвестиции. Градат затоа што има луѓе кои купуваат! Зошто инаку би граделе ако нема кој да купи стан? Звучи логично нели. Е сега, тоа што градат неплански, градат згради лепенки, и уште малце на кафе преку тераси ќе си се качуваат иако се на погорни катови, тоа е веќе друг муабет. Тоа што се е бетонирано и нема тревни површини, нема простор каде децата да се прошетаат и да си играат, бидејќи се е зграда – паркинг, зграда – паркинг и така до недоглед, тоа е трет муабет.

Но да ги оставиме на страна тие работи. Главното прашање е зошто, ама зошто купувате таму станови? Да е центар, да е до центар, одма да си во центар. Не само во светот, туку и во Скопје, знаете ли каде живеат подобро ситуираните семејства, да не речам богатите? Со сигурност не живеат во центарот на градот, туку напротив, подалеку од метежот и буката која центарот го носи. Верувале или не, тие живеат на периферијата.

Сега да го земеме како пример Аеродром. Кој живеел таму знае дека тоа е една од поубавите населби во градот. Да се поправам, тоа БЕШЕ една од најубавите населби во градот. За жал повеќе не е така. Забетонирана, неплански градена, наццкана, настегана, пред пукање, урбана џунгла! Имало гужва, немало каде да се паркира, на ништо не личело. Каде ви беше паметот кога купувавте станови таму? Да, вие сакате да се средите, да се сместите, да создадете фамилија итн. Дали сте помислиле каде ќе ги пратите вашите деца во градинка таму? Дали сте помислиле каде ќе ги пратите вашите деца во школо таму? Нема место луѓе! Нема место каде игла да се фрли а не па да се помисли на градење на такви институции. За зелени површини воопшто не станува збор, тоа веќе е мисловна именка. Ама битно сте до центар. Добро е.

Не драги мои. За никаде е. Секое ветерче е сопрено. Се е уништено и се продолжува кон доуништување се додека Скопје не потоне во едно безживотно сивило од кое нема назад. Ако така ви се живее , бујрум. 

Потребно е стратегија. Потребни се вистинските луѓе кои ќе кажат НЕ! СТОП! Луѓе кои нема да се продадат за ситна пара и некој стан во џеб. Потребни се луѓе кои ги ценат и негуваат вистинските човекови вредности, како што се чесност, правичност, одговорност пред себе и пред другите, почитување, принципиелност итн. Луѓе кои ќе го стават општото добро пред сѐ.

Во меѓувреме гледајте да не го изгубите трпението и да ги сочувате живците и здравиот разум во „метрополата“ наша скопска. И гледајте ја големата слика во животот, а не само до чергичето на вашиот праг. А сега погледнете ја иднината и видете дали би живееле во неа ..

За подобро утре, за поубаво Скопје. Речете СТОП!

Like или Share? А може и двете ..
fb-share-icon0