Дали го оправдувате начинот на говор на Апасиев?
Последниве неколку месеци еден нов бран на жестокост без умереност, обраќање без кратење, едноставно говор без цензура ја бранува македонската јавност, политика и воедно целата држава. Професорот Апасиев, од неодамна и пратеник во Собранието, е човекот кој без влакна на јазикот допира до секоја пора на нашето општество и предизвикува бурни реакции со тоа што некои го поддржуваат додека некои сметаат дека таквиот начин на обраќање не доликува на еден високо образован човек, на кого поголемиот дел од младината заправо и се угледува.
Дали г-динот Апасиев треба да продолжи со ваквиот начин на обраќање или сепак треба да повнимава во иднина при своите јавни говори, било од говорница или на социјалните медиуми?
Мене лично во почетокот ми пречеше неговиот начин на обраќање и сметав дека не му доликува на човек од таков калибар да се изјаснува на начинот на кој се изјаснуваше, иако се што кажуваше, барем до сега, беше само вистина, грдата вистина на Македонија, која скоро секој од нас лично ја нарекува уште со погрди зборови од самиот Апасиев.
Политички ниту сум активна, ниту сум следбеник за некоја партија, и верувам на зборовите само и само откако ќе бидат преточени во дела, вистински акции спроведени во реалноста, не на фејсбук, не на твитер, туку фактички и практички во секојдневниот живот.
Луѓето кои ја водеа државата до ден денешен ја однесоа во невиден пропаст, ја втурнаа во огромни долгови за кои и нашите пра пра правнуци ќе плаќаат (со надеж дека сеуште ќе постоиме), ја ограбија и сеуште грабаат од секое ќоше од каде стигнат, наметнуваат небулози за разни вработувања наместо почитување на квалитет, образование и искуство, го осиромашуваат народот до бескрај, ги затвараат оние кои се последното дупче на свиралото, додека диригентите и главните уметници се надвор, слободни да прават и понатаму што сакаат!
Затоа ќе речам отворено ДА! Зборувај Апасиев додека грлото не ти зарипне! Нарекувај како што им доликува за се што направиле досега, соблекувај им го валканиот веш и направи зборовите да се преточат во реалност.
Засега ветуваш многу, останува понатаму да видиме како ќе се одвиваат работите. На Македонија и треба револуција, но не црвена, плава или шарена, туку НАРОДНА РЕВОЛУЦИЈА!
Да живее Македонија!