Кога е вистински момент да го смените работното место

Можеби е неблагодарно во ова време на пандемија да зборуваме на оваа тема, но колку повеќе одложувате, толку повеќе вашиот ум останува заробен во канџите на конформизмот, вашата креативност е потисната и секојдневно подлегнувате на пасивно наместо на проактивно размислување и живеење.

На почетокот, кога сте се вработиле на оваа позиција, сигурно сте биле полетни, ажурни за работа, спремни и наоружани да го освоите светот со вашата енергија и способности. Дали сеуште го чувстувате истиот жар како на почетокот? Можеби некаде по пат сте се презаситиле од тоа што го правите или пак сте го достигнале „плафонот“ на оваа позиција. Но не очајувајте, бидејќи ништо не е изгубено.

Можеби ќе звучи чудно, но тоа не е само ваша кривица! За тоа е задолжен и вашиот менаџер или претпоставен, кој покрај тековните работни активности треба да се грижи и за својот тим и нивото на мотивација која секогаш треба да е на високо ниво, за да може да испорачува одлични резултати.

Откако ќе донесете дефинитивна одлука дека ви е потребна промена, тогаш првиот чекор би бил да поразговарате отворено како колеги и пријатели со вашиот шеф. Дали сте една или повеќе години во фирмата, не прави некоја разлика, ако остварувате резултати, надминувате поставени цели и секако сте лојален и вреден работник. Тука не зборуваме за барање на покачување на плата, иако може прво на тоа помисливте, бидејќи истата работа иако ќе ви биде повеќе платена нема да ги задоволи вашите основни инстинкти, односно исполнување на вашите можности и развивање на интелектуалните способности кои ги носите во себе.

Разговарајте за евентуална промена на работната позиција, да се пробате на некое друго поле, да се сменат работните обврски, да се зголеми нивото на одговорност и да превземете поголема иницијатива. Доколку тие во вас го гледаат потенцијалот кој го имате за оваа работа, тогаш верувајте дека ќе направат сè што е во нивна моќ да ве задржат. Дијалог пред се. Но доколку се преокупирани со своите лични и работни обврски и не одговорат соодветно на вашите барања, тогаш време е да го продолжите патот понатаму и да побарате друга работа.

Разговарајте со вашата фамилија и доколку има разбирање и поддршка тогаш првиот чекор не е далеку. Барањето нова работа можеби не е лесно како песна, но секако ќе имате повеќе забава отколку да го трошите вашето драгоцено време, енергија и потенцијал, на место каде работата се сменила во рутина, а забавата и предизвиците во досада.

Бидете храбри и верувајте во себе. Еден живот имате за да го поминете потпрен на едната рака и загледани во часовникот чекајќи да дојде време да си одите дома. Барајте ја возбудата која работата ја носи и не се задоволувајте со ништо помалку. Работата нека ви биде предизвик, а не само обврска. Оставерете го својот потенцијал и реализирајте се себеси.

Од вас зависи. 

Like или Share? А може и двете ..
fb-share-icon0