11 октомври 2024
МК ЛиковиПоследноПриказни од животот

Билјана Караманолевска – Својот свет полн љубов го пресликува во СВЕТОТ на КОЛОРЕС

Еден од најбитните сегменти во општеството, но и еден од најсензитивните, е секако градинката како институција, каде малите дечиња од најмала па се до предучилишна возраст ги создаваат своите навики, започнуваат да ја градат својата личност, да покажуваат афинитети кон одредени активности, но и ги учат најосновните работи кои едно дете пред да тргне во училиште треба да ги знае.

Познавајќи ја тежината на оваа работа, како жена претприемач и мајка на две дечиња, Билјана Караманолевска, се одлучува да ја започне својата приказна токму во овој сектор, свесна за сите предизвици со кои може да се соочи, како и посветеноста и вложувањето на себеси кое оваа група на деца тоа го бара. Отворено може да признаеме дека „Светот на Колорес“ е местото каде најголем акцент се става на иновативноста, креативноста и проактивноста, која им дозволува на најмалите да го зачнат својот потенцијал уште од најмала возраст. Приватна градинка која ги исполнува сите светски стандарди почнувајќи од уреденоста, воспитувањето, алатките за работа кои им се на дофат на децата, но и надворешните активности кои се нивно секојдневие.

Еве што Билјана имаше да ни каже за целиот концепт околу градинката, но и за тајната на остварување на нејзината визија и успешно работење.

  • Од каде првично дојде идејата за отварање на приватна градинка?

Потребата да ги променам нештата и да ги реализирам сопствените идеи е првичната идеја за отварање на приватна установа за деца. Затоа Светот на Колорес како приватна установа со сите иновативни активности кои се одвиваат на дневна база се разликува од останатите градинки. По концепт, едукација, реализација и сето она што ние како тим го вложуваме во нашите деца. Отворањето на една градинка сноси многу голема сериозност и одговорност во работењето.

  • Од каде ги црпите разните идеи со кои секојдневно ги анимирате децата?

Децата се нашата иднина, а понудата на совршено место за зголемување на нивната креативност и помагање во развивање на умот и телото на избалансиран начин е нашата цел во животот. Начинот на кој тие се охрабрени во раните години прави отпечаток за тоа какви луѓе ќе станат.

Во подготовката на активностите во кои се користат природни материјали се вклучени и самите деца. Нашата цел е тимот заедно со децата да ги креира и изработи потребните средства за работа. На тој начин ја поттикнуваме креативноста кај децата.

 

Пристапот кон секое дете е индивидуален со максимална посветеност со што им се овозможува брзо да се адаптираат и да ја почуствуваат топлината и позитивната енергија во нашите градинки. Среќни сме што сме дел од секојдневието на нашите дечиња кои секое утро не поздравуваат со насмевка на лицата. Токму за нив создаваме еден нов свет, во кој што заедно испишуваме безброј приказни.

  • Како успевате да ја одржите социјализацијата помеѓу дечињата во услови на пандемија?

Пандемијата не ни претставува некоја посебна тешкотија во однос на социјализацијата кај децата. Нашата цел е секое дете индивидуално да стекне одредени способности:

-да развие интелигенција, креативност и талент,

-да може само да носи одлуки,

-да ги почитува и да се грижи за другите и за природата,

-да се развие доверба и независност.

Нашата специфичност е во тоа што во програмата вклучени се еднодневните прошетки каде се запознаваме со нашата околина, но имаме и повеќедневни екскурзии надвор од градот на кои што децата се запознаваат со нашата татковина, но и добиваат можност да се осамостојат.

Го поттикнуваме истражувачкиот дух кај децата, истражуваме, експериментираме, набљудуваме… Секое дете е среќно и задоволно ужива во своето детство!

  • Активности надвор на минусни температури, на снег, дожд, кал, сонце, секое годишно време, во секакви услови. Кое е вашето начело за одржување „настава“ во природа?

Слободно можам да кажам дека сме единствени градинки кои работат со „училници на отворено“. Во нашите градинки надворешните активности се наше секојдневие. Без разлика на временските услови, нашите деца се излезени надвор. 

Природата е најдобриот извор преку кој детето најпрво расте и се развива, а понатаму развива моторни вештини, се осамостојува, ја зголемува самодовербата, се социјализираат, учи да биде изложено на најразлични влијанија, учи да биде лидер… 

 

Едноставно децата треба да бидат само деца! Не постои конкретно упатство за играње во природа. Децата сами ги создаваат правилата на игра, при тоа ја користат и сознаваат својата креативност, својата имагинација и интелегенција, како и преговорачките способности на посебен начин.

Природата е една огромна лабораторија за учење. Дали има дожд, снег, кал или сонце децата се научници кои сакаат постојано да истражуваат. Да се биде надвор е прекрасно чувство. Социјализацијата е неизбежна. Децата меѓусебно комуницираат, соработуваат, споделуваат… едноставно имаат интеракција. 

  • Децата на предшколска возраст се најсензитивниот сегмент од популацијата, бидејќи тука започнува нивното вклучување во општествениот систем. Колку градинката придонесува за нивно приспособување и подготовка за наредната етапа, односно тргнувањето во училиште?

Модерното време, трката за престиж, натпреварот  на кој детето е поголема гордост, дали знае странски јазик на неполни две години или можеби знае математика да собира и одзема, да чита и пишува….и моментот да се пофалиме на пријателите дека нашето дете на две години знае „СЕ“ за жал е само одраз врз нашите деца. Градинката е средина во која детето пред да појде на училиште треба да научи да биде самостојно, да научи да се облекува само, да биде одговорно за своите работи, да знае да се облече и да си ја закопча јакната, самостојно да оди во тоалет, правилно да знае да го држи моливот, да умее да другарува, споделува, да се грижи са себе и околината…

Детето во градинка треба пред се правилно да се развива и треба да го живее детството во кое повторно нема да се врати! Да се запознае самото себе, да ги препознае своите карактеристики, да изгради самодоверба! Воспитувачите во градинките се оние кои имаат за цел да го поттикнат и разубават детството на децата, да им ги олеснат животните вештини, да помогнат да пораснат во чесни луѓе.

Овие деца преку игра многу побрзо и полесно ќе ги научат и бројките и буквите, ќе знаат полесно да ги поврзат и напишат сопственото име. Но затоа кога ќе тргнат на училиште во прво одделение нема да имаат никакви потешкотии со средината во која ќе се најдат, со времетраењето на часовите, концентрацијата и кондицијата која треба да ја имаат.

  • Што е подобро за детето, растење кај баба и дедо или градинка?

Ова е прашање кое во последно време многу често е поставувано на социјалните мрежи. Дали баба и дедо или градинка? Бабата и дедото секако се многу важна алка во животот на едно дете, но тие не можат да ја заменат социјализацијата која детето ја добив во градинката. Другарувањето во градинката, играта во друштво, делбата на играчките, трката кон подобар успех… сите тие нешта ја прават градинката пред другото.

  • Хармоничен брак, мајка на две прекрасни дечиња, бизнис жена која со својата посветеност и упорност ги руши сите бариери пред себе. Како го одржуваш животниот баланс во ова динамично и дигитализирано време?

Веќе неколку години успешно стоиме цврсто и постојано го градиме и обновуваме нашиот бренд – Светот на КолоресТајната во нашиот успех е максималната посветеност, грижа и љубов кон средината во која работиме.

Хармонијата во семејството, поддршката од најблиските и бескрајната љубов кон моите две деца е онаа која го одржува мојот животен баланс.

Секоја жена може да биде успешна во своето работење, само доколку тоа што го посакува го сака искрено со целото свое срце и може да се посвети максимално во тоа што го работи. Негативните мисли никогаш нема да можат да донесат позитивен живот, грешките кои ги правите се само доказ дека сте се обиделе нешто да направите – не се откажувајте!

Тајната за напредок гласи: „Направете го првиот чекор и борете се за реализација на сопствените идеи.“

  • Каде се гледаш себеси за 10 години од сега?

Пред се најважна работа е да заврши пандемијата и да се стабилизира економијата во државата за да може секој бизнис непречено да продолжи да функционира. Себеси во иднина се гледам на едно стабилно тло полна со уште повеќе идеи, реализации и секако постојани иновации во работењето.

 

    Кога работите со љубов, се вложувате целосно себеси, своето знаење, искуство и способности, успехот е неизбежен. Ви посакуваме уште многу години успешна работа и обликување на што поголем број мали „бунтовници“ во прекрасни, воспитани и умни деца кои се нашата иднина, иднината на Македонија.

Like или Share? А може и двете ..
fb-share-icon0