Вистински уметник чии песни му дарија вечност- Ѓорѓе Балажевиќ

Замина човекот кој вечно ќе живее низ неговите песни, легендата на нашата младост, единствениот Ѓорѓе Балашевиќ. Зад себе остави една убава трага на една уште поубава младост која тешко да се повтори во овој дигитализирано „искривен“ свет. Собрани покрај плажа, со една – две гитари и ведри расположени луѓе спремни за дружба и песни. Распеани грла, насмеани лица, љубов, прегратки, копнеж. Таква беше нашата младост каде неговите песни беа задолжителни на сите забави.

Со неговите песни, многумина ги отсвиреа првите акорди на гитара, меѓу кои бев и јас и моето инструментално остварување. „Не волим јануар“, „Не ломите ми багрење“, „Неки нови клинци“, „Свирајте ми јесен стиже дуњо моја“,   „Словенска“ се само мало делче од реката од мелодии кои струнеа низ жиците, додека зборовите го дразнеа грлото, срцето но и умот. Хармонија од мелодија и текст кои имаат тежина, силна порака и врели емоции во неа.

Да ги цениме вистинските вредности и да ги пренесуваме на идните генерации. Секогаш да се сеќаваме и со жар да раскажуваме за оние добри времиња кога крвта ни вриеше од желба за живот без граници, зачинет со исконска среќа, искрена љубов и добри пријатели. Да го вратиме времето на соживот и добрососедство, времето на почитување и ставање на пиедестал на она кое навистина вреди, она кое останува засекогаш, евергин на кој вечноста му е премала. Да учиме од најдобрите.

Почивај во мир голем човеку. Вечно ќе живееш на земјата преку песните твои, а сега нека ти е вечно местото меѓу великаните на небото. Силно свети на ѕвезденото небо кое навечер не покрива со своите сјајни зраци.

ВЕЧЕН СИ. ВЕЧНОСТ ОСТАНИ.  

Like или Share? А може и двете ..
fb-share-icon0