Дали МОБИЛНИТЕ се виновни што децата се „ПОИНАКВИ“ од порано?

Нови времиња, нови технологии, нови предизвици. Дали отидовме предалеку? Враќање секако нема, но дали постои начин да се намали оваа хаотична, навидум безизлезна ситуација кон која сме се упатиле, рака под рака со нашите деца? Овде секако станува збор за помалите деца, барем за оние кои сеуште немаат свој мобилен, па родителот мора да го „позајми“ на неговото дете во безброј ситуации.

– Сакаш мир во куќа, тишина, дете на кое не му се слуша гласот, да одмориш на „раат“ – Дај му МОБИЛЕН! Колку пати сте се нашле во ваква ситуација, ама искрено? Дојдени уморни од работа, детето сака да си игра, а вие едноставно сакате да ги испружите нозете и да погледате малку телевизија?

Или пак сте цел ден дома со децата, готвите, чистите, перете, миете садови и така постојано и кога ќе седнете едноставно сакате малце „мир“.. Решението, ако не сите, тогаш повеќето, го наоѓаат во мобилниот. Повели мобилен, да одмориме малку на раат! И така детето се навлекува на мобилниот, на кој ние веќе поодамна сме навлечени, и сите заедно се вртиме во еден магичен круг.

Помислете за момент како било порано кога немало паметни уреди и екрани кои зрачат и ги оштетуваат најпрво очите, а после и умот. Ќе речете многу поубаво, нели. Епа сето тоа е возможно ако мобилниот СВЕСНО го тргнете на страна! Верувајте дека светот нема да се сруши ако тие моменти детето не седи на мобилниот. Се е навика!

– Сакаш да си изеде се во чинијата – МОБИЛЕН! Ова е практика скоро во секој дом. Детето ниту гледа што јаде, нити пак колку јаде. Несвесно јаде додека вие го раните или самото зема од чинијата за која воопшто нема интерес. Невкусно во секој случај. Таа храна на масата е благослов, која е подготвена со љубов и внимание, а кон неа се однесуваме без основна почит. Сосема погрешно.

Ќе повториме, сè е навика, па и јадењето без мобилен на маса!

– Што правиш додека си со детето на лулашки – Зјапаш во МОБИЛЕН! Нема лулање, нема клацкање, ја нема онаа игра со сопственото дете кое ја имало порано. Детето е оставено само на себе. Во ред, на моменти така и треба да биде. Но што е со уживањето во природата, зеленилото, сонцето, птиците? Некако се имаме подзаборавено, токму поради овие баш „паметни“ уреди! Паметно ни го земаат паметот! Не заборавајте, детето е како сунѓер, тоа што го гледа тоа и го прави и повторува. Ако вие гледате цело време во мобилниот, секако дека и самото тоа ќе сака и ќе го прави истото. Сигурно нема да земе книга да чита, ако во вашите раце гледа само екран што сјајно светка. Помислете како тоа влијае на вашето дете …

И уште мал милион ситуации каде разговорот, играта, смеата и дружбата пред сè, се заменува со еден обичен мобилен телефон! Да не дозволиме мобилните да имаат поголемо влијание врз нас и најмногу врз нашите деца, повеќе од самите ние! Да бидеме попаметни од уредите. Ние да имаме контрола врз нив, а не обратно.

Промената започнува од самите нас! Децата ќе го следат нашиот пример.

Животот не е во телефонот и во туѓите животи на кои секојдневно сме навлечени. Животот е тука и сега, пред нас! Да уживаме во природата и во зраците од сонцето, а детето само ќе тргне по нашите стапки.

Време е за промена, сега! 

Like или Share? А може и двете ..
fb-share-icon0