По барање на народот, „ЕЛ КАРАНТИНО“ повторно во Македонија!
Наместо сите да пееме „Корона ЧАО“, ние повторно велиме „Ел Карантино“ здраво! Од утре вратите за гости ги затвораат сите угостителски објекти, но затвораат и теретани, сали за вежбање и останати места кои овозможуваат било каква форма на собирање на луѓе во затворен простор. Наредни две недели, за понатаму ќе видиме, се продолжува и полицискиот час, и истиот почнувајќи од денес ќе започнува од 20 часот навечер до 5 часот наутро.
Се навикнавме ние одамна на ваков начин на живот, но што станува со тие што треба да стават клуч на врата на своите бизниси со кои ранат цели фамилии и да ја доведат во прашање својата егзистенција? Мерки за две недели неработење никој не споменува. Работава испаѓа „Ко преживи, причаче“!
До каде ќе тераме вака народе? Уште некоја година сигурно! Додека не се вакцинира поголемиот дел од населението, сигурно ќе тераме вака. Тоа е суровата вистина, за жал.
Дали постои друг начин да се натера населението да се вакцинира? НЕ! Всушност има! Кога ќе видиме дека преку граница НЕМА да не пуштат без доказ за примена вакцина, бидејќи сигурно нема секој втор ден да се тестирате и да докажувате дека сте негативни, сите како попчиња ќе ја примиме „магичната“ течност и ќе продолжиме понатаму со животот, оној новиот де, маскираниот!
Затоа заедно да кажеме добредојде на НОВАТА ЛИЧНА КАРТА, поважна и од важечки пасош, која ќе завземе почесно место во вашиот паричник, покрај „старата“ лична карта, возачка, платежни картички и останата пластика, новата КАРТА ЗА ИМУНИЗАЦИЈА, која е побитна од тоа кој си, што си, БИТНО си БОЦНАТ!
Битно вакцинацијата е почната! За одредена група на граѓани, со вакцини кои се донација, ама битно е почната. Ние останува да си почекаме, најпрво да се набават вакцините, па дууууури тогаш да помислиме за примање на „незадолжителната“ вакцина, која сите од еден до последен ќе ја примиме, ако сакаме да продолжиме со новиот живот по старо.
Во меѓувреме, чувајте се народе и останете ни во добро здравје, како во физичко така и во она кое денес е можеби и поважно од сè – добро ментално здравје!
Ај со здравје.