Како квалитетно да се исполни времето во САМОИЗОЛАЦИЈА?

Овој текст е наменет за оние кои се дома во самоизолација, кои не одат на работа, но и не излегуваат како би се заштитиле себеси но и останатите околу себе од вирусот кој во моментов владее.

Бидејќи живееме во едно брзо и динамично време кое ни дава се во животот освен време, сега е вистинскиот момент да се свртиме кон себеси и да ставиме рачна кочница на сите активности, да се преиспитаме кои сме, каде сме, до кај сме и каде одиме. Бидејќи нон стоп се жалите дека многу работите, дека немате време ни една книга да прочитате, немате време да вежбате, јадете брза храна бидејќи немате време да готвите, немате квалитетно време поминато со вашите деца поради работата, умор, поради останати милион причини, сега е време за промена. Сега го имате целото време на светот. Ајде сега да ги направите сите оние работи кои сте сакале, но „не сте биле во можност“ да ги правите претходно.

Запознајте ги вашите деца! Разговарајте со нив, играјте заедно, изгледајте некој добар филм на телевизија, згответе некое вкусно јадење заедно, цртајте, пишувајте, едноставно дружете се. Време е за зближување. Во овој „лош“ период, ова можеби е најдоброто нешто што ви се случува. За кратко време пак ќе се вратите на онаа работна сива лента од 9 до 5, додека да дојдете дома 6, да јадете, испружите нозе 7, па на спиење и така натаму. Искористете го секој момент кој ви се нуди. Работете заедно во градината, засадете нови цвеќиња во име на пролетта, направете заедничка генералка по дома, напијте се чај или кафе заедно и поразговарајте за животот, за здравјето, за среќата, за иднината. Откријте ги нивните желби, соништа, грижи, аспирации и мечти.

 

Прочитајте некоја добра книга! Иако имате цел ден на располагање и сакате да сте во тек со сите активности во земјата и пошироко, тоа не значи дека треба цел ден да го поминете пред телевизорот гледајќи го министерот за здравство – Венко Филипче и пратејќи ги сите негови пресови, па и репризите. Бидете во тек, но нека тоа не биде ваша главна преокупација. Сепак времето треба да го потрошите за себе, а не за гледање на вести на сите можни тв канали. Изгасете го телевизорот и земете некоја добра книга. Сигурни сме дека имате некоја непрочитана книга во вашата библиотека, која трпеливо чека да ја земете од полиците и да се нурнете во нејзините волшепства. Дозволете си да влезете во светот на бајките, приказните и нека ве обземе убавиот пишан збор кој ќе го збогати вашиот интелект, вашиот речник и воедно ќе ве оплемени.

Направете „Да остварам“ листа која ќе ви биде водилка во деновите и годините кои следат. Во оваа листа вметнете ги сите активности, лудории и мудрости кои сакате да ги направите во текот на животот и дозволете си на себеси да ги остварите еден ден. Ако сакате да ги посетите пирамидите, да одите на рафтинг, да освоите некој планински врв, да посетите некоја далечна дестинација која отсекогаш сте посакувале да ја видите, тогаш направете го тоа. За промена, еден летен одмор во Грција или еден зимски во Банско, пренаменете го за исполнување на некој ваш сон. Од вас зависи. Запишете дека ќе поминувате повеќе време со вашите деца дека тие се вашето богатсво и тие го заслужуваат тоа, дека ќе читате барем по една книга во месецот, дека ќе се грижите за вашето здравје и дека ќе почнете да вежбате редовно, и дајте си ветување кон себеси дека ќе ги почитувате овие записи за кои еден ден ќе можете да им раскажувате на вашите внуци од каде потекнуваат и како тие ви го промениле животот.

Живејте по ваши правила. Живејте денес.

Like или Share? А може и двете ..
fb-share-icon0