Реорганизација на цела држава – Македонија на Македонците!

Во ова време-невреме ајде да размислиме каде сме, каде одиме и дали патот по кој сме тргнале сакаме да го продолжиме или не. Сега, кога сме во еден вид на домашен „притвор“, карантин, има време да се направат планови за развој на нашата земја во секоја смисла на зборот, почнувајќи од економски, социјален, образовен и политички аспект. Еве неколку идеи за разгледување:

 – – – Создавање и субвенционирање на сопствено, домашно производство, наместо отстапување и практично давање за без пари локација, ослободување од давачки, нудење евтина работна сила на странски големци! Дајте да вложиме во Македонија на Македонците!

Станавме зависни од евтина, неквалитетна, штетна по здравјето роба, почнувајќи од облека со сомнително потекло изработено од дечиња од 16ти земји, материјал кој лепи, поти, создава електрицитет, во превод квалитет НУЛА! Од друга страна имаме одлични, испраксирани, вредни шивачки капацитети кои може да направат бум во земјата ако се земат под домашно водство, а не да работат во 3 смени, платени на минималец со никакви права. Државата треба да ги земе под своја закрила и да им обезбеди не само услови за преживување, туку услови за еден убав и нормален живот, кој секој од нас го заслужува.

Купуваме основни прехрамбени производи како ориз и грав од Узбекистан, наместо да се отворат, обноват и развијат фабриките за производство на културите кои Македонија ги има во изобилие. Да произведуваме за да го обезбедиме целиот македонски пазар, а потоа и да го извезуваме како високо квалитетен бренд број 1 во Европа и пошироко. Да развиваме економија а не да ја продаваме за да се богатат само одреден број лица во земјата на сметка на сиромаштија на сите останати.

– – – Да се создаде соодветна клима за развој на мали и средни претпријатија кои ќе ги основаат и водат младите потенцијали кои имаат ум, капацитет, способности, интелект и осет за бизнис, наместо да гледаат да се пикнат на мала врата преку партијата со што ќе венеат и ќе го трошат својот потенцијал на погрешно место затоа што едноставно така функционира државата, нешто што треба да се сопре ВЕДНАШ, или она второто, полошото, да ја гледааат својата иднина подалеку од тука, каде трудот ќе им биде ценет и соодветно награден и платен, каде за жал, со должна почит кон овие професии, ќе работат како шофери, чистачи, обични работници, наместо да градат сопствена империја за која учеле цел живот!

– – – Целосна департизација на државата! Реорганизација на државата, на политиката, на целиот партиски систем! Доста сме зависни од две три партиички кои ја фрлија државата на дното, за сега да не знаеме крајот да го фатиме. Чистка! Да се стави крај на партиски вработувања! Работа да се добива според квалификации, умешност и знаење а не поради број на саати издремени во партијата и плакати излепени по државата! Да ги поставиме вистинските луѓе на вистинските места!

– – – Да се направи план и стратегија за оживување на градовите и селата низ цела Македонија! Наместо работа за секој онаму каде што живее, вие им нудевте работа во Скопје, па сега сите заедно се гушиме во гужва, сообраќаен метеж и некултура на сите страни. Па после се градело. Е ќе се гради, за тие луѓе да се сместат да живеат некаде, за никогаш да не се вратат во своите огништа кои полека но сигурно згаснуваат! Ама кој сега сака да живее во ова пренатрупано Скопје што не личи на ништо? Само згради на секој чекор, неплански градени, без градинки, училишта, без игралишта за децата, без тревни површини.

– – – Образованието да се смени од корен! За промена треба да се чуе гласот на наставниот кадар, оној вистинскиот, не партискиот. Они најдобро ќе ви кажат се за учењето по Кембриџ! Едноставно не го бива! Зошто да следиме светски „трендови“ кои едноставно не пасуваат со системот кој совршено функционираше во нашата земја и креираше умови а не полуписмени деца роботи.

И нареден пат кога некој ќе сака да прави фонтани кога немаме основно здравство во земјата, или сака да гради објекти од стиропор за да испере милиони на приватни сметки наместо да вложи во она што е навистина неопходно, кога ќе увезат токсичен отпад кој и ден денес го горат без око да им трепне а ние се труеме како експериментални глувчиња поради разработена шема на одредена мафија која нема обзир и бескрупулозно ги прекршува нашите човекови права, тогаш да застанеме и да кажеме СТОП! Да покажеме РАЗУМ, да покажеме СЛОГА, да им покажеме дека без народот држава не постои!

Да се кренеме на нозе и ваквите да ги кренеме на клоци! Можеме, ако сакаме, и ако сме сплотени како народ!

Македонија на Македонците! Сега и засекогаш!

Бисера

Like или Share? А може и двете ..
fb-share-icon0