Порака до сите ТРУДНИЦИ во време на КОРОНА

Насекаде околу вас е корона, корона, корона … На вести, на емисии, на радио, на портали, во муабети, насекаде. А во вас едно ангелче расте. Иако околу вас енормно се шири паника, вие сепак пробувате да останете смирени, да се надевате дека кризата набрзо ќе помине и се ќе се врати во нормала.

Што да направите во овие моменти, кои наместо најсреќни за вас и вашето семејство некако се пикнаа во втор план, бидејќи во прв план е вирусот кој затвара граници, болници, луѓе, доктори, се живо и диво околу вас? Згора на се е и земјотресот во Хрватска, каде родилките држејќи ги во раце своите тукушто родени бебиња стоеја на ладното додека паѓа снег, а хуманите луѓе помагаа при транспорт на инкубаторите во кои некои од бебињата сеуште се борат за својот живот кој допрва треба да им започне! Хорор!

Што да ви кажам повеќе освен ИЗДРЖЕТЕ! И јас сум една од вас. Во осмиот месец од бременоста. Соочена со лудоста која ме опкружува, гледам да останам смирена и при здрав разум, молејќи се овој вирусен облак кој не надвиснал што побрзо да замине и никогаш повеќе да не се врати. Мислите нека ви бидат насочени само кон тоа мало човече кое расте во вас, и знајте дека вирус-невирус тоа кога ќе му дојде време ќе мора да излезе. И тоа ќе дојде и ќе помине. Ќе се породите и ќе се вратите во своите топли домови каде ќе можете да му ја пружите целата љубов, грижа и внимание на малото ангелче кое е благослов дарен од Бога. На некои странски портали објавуваат дека на таткото нема да му биде дозволено да биде покрај вас, и?! Цел живот ќе бидете заедно! Ќе речете дека не сте ги замислувале овие мигови вака. Точно, на никоја од нас не и било ни на крај памет дека може нешто вакво да се случи, ама ете се случи. Ќе помине. Се поминува.

На вас останува да бидете, колку што можете повеќе, спокојни, да најдете мир и хармонија во себеси за полесно да ги поминете деновите кои се пред вас. Уживајте во бременоста во топлината на вашиот дом и радувајте се за најголемото богатсво кое ќе му даде непроценлива убавина на вашите животи. Најдете си хоби, исполнете го вашето време на креативен начин. Прочитајте некоја добра книга, преточете ги вашите чувства на хартија преку стих или слика, научете да плетете, згответе нешто вкусно и дозволете на ведрината да го обземе вашето тело, вашиот дух и позитивно да влијае на вашето расположение.

ИЗДРЖЕТЕ ЖЕНИ! Најубавото допрва доаѓа!

Like или Share? А може и двете ..
fb-share-icon0