Како да го одвикнам детето од користење мобилен телефон?

Новата технологија како што ни носи големи предности, така носи и нови навики, нови зависности и олеснувања како и потешкотии за родителите и нивните деца. Сведоци сме на дечиња седнати во ресторани како буквално зјапаат во мобилните телефони, не обрнувајќи внимание на околината, луѓето, па дури ни на храната која им се сервира. Дечиња на лулашки кои наместо да трчаат со своите врсници тие ги оптоваруваат очите со светкавите екрани и заносните содржини кои интернетот ги нуди. Домашните работи полесно се извршуваат кога децата се седнати со мобилните пред себе. Ако сакате да го смирите вашето дете, едноставно му давате мобилен и тоа седнува мирно како бајче, не слушајќи му се глас. Ако сакате убаво да јаде, прво што му давате пред да седне на маса е телефон. Прашањето е:

Како ли се снаоѓале нашите родители и останатите во минатото кога мобилните телефони сеуште не постоеле? Зарем децата не јаделе без мобилен во рака? Зарем тие не чистеле, пеглале, готвеле без употреба на денес можеби и „најмоќното детско оружје“ – мобилниот телефон?

Децата без мобилните телефони имале многу побогат и подруштвен живот. Да, тоа се нови времиња кои  секако носат поволности, но детската игра, имагинација и бесконечна фантазија не може да биде заменета со ниту еден модерен гаџет. Тоа е вистината. Правењето шатори со постелнина, цртањето, пишувањето, правењето играчки од обични кутии и нивно боење, лепење, сечкање и сите останати игри кои детските раце можат да ги направат немаат крај. Со кратењето на времето пред мобилниот телефон вие ќе му ги одврезете рацете (а богами и очите ќе бидат многу благодарни), со што детето ќе може да посегне далеку во лавиринтите на своето мозоче и да создаде еден цел свет од игри кои пријатно ќе ве изненадат.

Не велиме комплетно да го забраните телефонот на вашето дете, но за почеток би било добро да го скратите времето поминато пред него. Вашето дете ќе ви биде благодарно што со време ќе го ослободите од невидливите синџири на модерната технологија. Направете го тоа веднаш додека не е премногу доцна. Дозволете му на детето вистински да ужива во своето детство кое нечујно еден обичен телефон му го скратува. Дајте слобода, дајте детство!

Like или Share? А може и двете ..
fb-share-icon0