МАСКИ НА ОТВОРЕНО = Мозочна центрифуга на НАЈЈАКО!
Миење на раце и дезинфекција, носење на маска во затворен простор и меѓу луѓе, како и дистанца од 2 метра, се новото нормално на денешницата. Луѓето почнаа да бегаат едни од други. Кога се разминуваат се раздалечуваат. Нема гушкање, нема бакнување, нема цврсти поздрави со рака! Децата учат на компјутери, младите се дружат преку социјалните мрежи, постарите пазарат со достава! Постојано труење преку сите канали на комуникација, психичко оптеретување и ментално канализирање кон една дестинација – страв од КОВИД, чувај се, затвори се, не се дружи и групирај, маска секогаш и секаде! Мозочна центрифуга пуштена на најјако!
Но дали и покрај почитување на мерките вирусот рапидно се шири? ДА! Тоа значи само едно, дека мерките не чинат!!! Алудирате на јакнење на имунитет а прошетките ги затварате со маски! Забранувате масовно групирање, а по автобусите луѓето се возат еден врз друг! По кафулињата маските извадени ама случајните минувачи мора да се покриени! Каква КОНТРАДИКТОРНА КОНТРАБАНДА сте вие!!!
Уште ли да набројуваме?! Цела плата за администрација дури и на боледување, а приватниците на шкрги, плати нема и откази фрштат на сите страни! Државата се задолжува, економијата тоне! Кладилниците и коцкарниците полнат џебови, додека танцовите студија, теретаните и салите за вежбање бројат неколкумина членови поради потребна дистанца и секојдневно запаѓаат во долгови бидејќи строго ги почитуваат мерките. За коцкарите се е дозволено, ама за младите кои сакаат да го јакнат телото, духот и имунитетот, не може нели?
Какво време дошло да подобро е да си коцкар отколку спортист, административец отколку свој газда, седнат во кафана отколку излезен на прошетка!
Младите, па и постарите, се затвараат пред компјутерите и своите мобилни, но се затвараат и во себе. Психата полека се менува, тоне, се изобличува. Интернет популаризација и меѓучовечка десоцијализација!
Вирусот постои и ќе продолжи да постои и да се шири. Тоа е факт! Потребно е од ваша страна да воведете правилни мерки кои ќе важат за сите, не само за „обичниот“ граѓанин. Барате да носиме маски на отворено, а полицајците кои висат на секое ќоше се првите кои не го почитуваат тоа. Наместо да го заштитите приватниот сектор вие ги штитите само партиските административни послушници. Наместо финансиски да ги поттикнете бизнисите кои се одговорни за одржување на спортскиот дух и здравјето на луѓето вие прво нив ги затварате. Затоа народот не ви верува! Затоа народот пркоси! Затоа вирусот рапидно се шири!
Воведете мерки, но нека тие се разумни. Заштитете го сопствениот народ! Заштитете ја Македонија!