Скопјани заминаа на викенд, и што е тука проблемот?
Што толку им се закачивте на луѓето кои го напуштија Скопје и тродневниот карантин и заминаа малце во природа, на езеро и планина, со цел да здивнат од ова лудило и затвор кој ни се случува? Слики фрштат на сите страни од преполни патишта и патарини, како што е случај и секоја година наназад. „Среќа“ што границите се затворени, инаку истите сообраќајни гужви ќе беа на грчката граница, зарем не? Вака барем некој прилив на пари ќе видат и туристичките места и дестинации во Македонија, како и угостителите од тие краеви. Ем туризмот малце од малце да се скрпи, ем парите наместо надвор ќе се свртат во рамки на границите на Македонија.
Што толку ви згрешиле оние што сакаат да избегаат барем за момент од овој принуден домашен притвор и да наполнат колку толку батерии а богами и психички малку да се залечат, како би можеле да продолжат да живеат и да останат нормални во ова време-невреме? Доколку ги почитуваат правилата, тогаш не ви згрешиле ништо.
Тоа што заминале од асфалтната џунгла на главниот град не значи дека нема да ги почитуваат мерките кои ги донела државата, а кои се за сеопшто добро на сите нас. Тоа сепак значи дека имаат плус некој денар во џеб, кој се спремни да го потрошат за зачувување на сопственото здравје и здравјето на својата фамилија.
Тоа што тие луѓе заминале на викенд во природа не значи дека ќе ги наполнат кафаните и ќе лумпуваат до сабајле или дека ќе ги затрупаат кафулињата со дневни собиранки и журки. Тоа се ќе биде сведено на минимум, бидејќи не заборавајте дека реалноста е дека владее општа сиромаштија.
Ако веќе барате кривец во оваа ситуација, тогаш обвинете ги оние кои ги донесоа овие „случајни“ мерки на селективен карантин, кои божем не знаеја дека токму ова ќе се случи.
Така да нека им алал на сите оние кои го напуштија Скопје, и да се надеваме дека нареден пат или викенд и ние ќе можеме да им се приклучиме и да избегаме од ова лудило кое полека но сигурно ни го зема здравјето а и паметот.
А вие драги мои, излагајте на воздух, на сонце. Шетајте, спортувајте и не се затварајте дома, затоа што само така ќе го зачувате и подобрите вашето здравје кое и те како ви е потребно во овие моменти.
Почитувајте ги мерките и чувајте се, затоа што до кога ова ќе трае, само еден Господ знае.